Гејтс жестоко против Маск: „Ги загрозува најранливите деца во светот“

Бил Гејтс испрати предупредување дека политиките на Маск му штетат на глобалното здравство.

Милијардерот Бил Гејтс го засили својот конфликт со Илон Маск, обвинувајќи го најбогатиот човек во светот дека „ги загрозува животите на најсиромашните деца во светот“ со, како што ги нарече, погрешни намалувањата на американската помош за развој, пренесе денес „Фајненшл тајмс“.

Коосновачот на „Мајкрософт“, кој најави интензивирање на својата филантропска работа во следните 20 години и затворање на Фондацијата „Гејтс“ до 2045 година, изјави во интервју дека шефот на „Тесла“ постапувал од позиција на незнаење при осмислувањето на овие намалувања.

Одделот за владина ефикасност на Маск, познат под кратенката DOGE, ефективно ја затвори Американската агенција за меѓународен развој (USAID) – главната федерална институција за распределба на американска хуманитарна помош – во февруари, прогласувајќи дека „време е за умирање“.

Гејтс оцени дека ненадејните намалувања довеле до тоа храната и лековите, неопходни за спасување животи, да го изгубат својот квалитет и употребливост таму каде што се складирани, што може да доведе до појава на заразни болести како мали сипаници, ХИВ и детска парализа.

„Сликата за најбогатиот човек во светот како што ја загрозува најсиромашната земја во светот не е нималку убава“, изјави Гејтс, кој некогаш и самиот беше најбогат човек во светот.

Гејтс изјави дека Маск ја повлекол донацијата за болница во провинцијата Газа во Мозамбик, која требало да спречи пренос на ХИВ од мајките на нивните деца, поради, како што рече, погрешно верување дека САД испорачуваат кондоми за Хамас во Појасот Газа на Блискиот Исток.

„Сакам да оди и лично да се сретне со тие деца што се заразиле со ХИВ, бидејќи тој им ја скрати помошта“, рече Гејтс.

69-годишниот филантроп вчера го претстави својот план за донирање на речиси целото свое богатство во текот на следните 20 години. Во тој период, според него, Фондацијата „Гејтс“ ќе инвестира повеќе од 200 милијарди долари во глобално здравство, развој и образование. Во изминатите 25 години, фондацијата веќе издвојуваше околу 100 милијарди долари за овие цели.

Фондацијата ќе биде затворена во 2045 година, неколку децении порано од првично предвиденото.

Според Гејтс, причината за забрзаното темпо на одобрување на грантовите е постигнување максимален ефект и искористување на можноста конечно да се стави крај на заразни болести како детската парализа и ХИВ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни