Британската влада ги ажурира плановите за функционирање на државата во случај на војна или безбедносен колапс, додека граѓаните добија препорака да обезбедат домашни залихи од храна и вода. Официјален Лондон забрзано работи на нова верзија на таканаречената „Воена книга“, протокол од времето на Студената војна со кој се утврдуваат задачите на институциите при меѓународен конфликт. Начелникот на британскиот Генералштаб предупреди дека заканата од Русија го прави овој период најопасен во неговата кариера.
Британските министерства и локалните власти добиваат обновени задолженија преку новиот безбедносен прирачник. Овој сеопфатен план, кој со децении стоеше во архивите по падот на Железната завеса, сега се ревидира за да ги поврзе цивилните институции со војската. Владата планира голема вежба во 2027 година, на која ќе се тестира институционалниот одговор на хибридни напади и саботажи на критичната инфраструктура.
Официјалните препораки објавени на владината страница предвидуваат секое домаќинство да чува спакувана вода и нерасиплива храна која не бара готвење. Покрај основните намирници, на граѓаните им се сугерира да обезбедат батериски ламби, транзистори на батерии, комплети за прва помош и преносливи полначи за телефони. Властите наведуваат дека упатствата важат и за масовни прекини на струја или екстремни временски непогоди.
Начелникот на Генералштабот, Ричард Најтон, изјави дека Велика Британија се наоѓа во најопасниот период од неговата 35-годишна воена служба. Британскиот јавен сервис ББС отвора прашање дали цивилното општество, по генерации мировен поредок, воопшто има свест за услови на воен конфликт. За разлика од скандинавските земји кои постојано ја одржуваат цивилната заштита, Лондон дури сега го рестартира моделот за колективна одбрана.