На 19 септември 1982 година, професорот Скот Фалман испрати порака на огласната табла на Универзитетот Карнеги Мелон со предлог што трајно го смени дигиталниот свет. За да се разликува шега од сериозна објава на локалната мрежа, тој предложи знаците 🙂 за хумор и 🙁 за сериозни теми. Она што започна како брзо решение за конфузија меѓу научниците стана првото дигитално смајли во историјата.
Септемвриската дебата на дигиталната огласна табла на универзитетот започнала со физички парадокс. Научниците дискутирале што би се случило ако се пресече кабел на лифт додека во него има балон со хелиум или свеќа. Разговорот брзо преминал во сарказам, па еден истражувач објавил лажно предупредување дека лифтот во зградата е контаминиран со жива поради неуспешен експеримент.
Дел од колегите не ја препознале иронијата и поверувале дека објектот е навистина затворен. Текстуалните пораки на раниот компјутерски систем немаа тон на глас ниту говор на тело, па за секоја иронична забелешка постоеше ризик да предизвика непотребен проблем. Научниците сфатија дека им треба симбол што веднаш ќе сигнализира дали станува збор за шега.
Групата дебатирала неколку дена за можни решенија, предлагајќи знаци како ѕвездичка, процент или тараба. Тогаш се вклучил Скот Фалман. Во 11:44 часот претпладне на 19 септември 1982 година, тој напишал кратка порака во која предложил читателите да ја навалат главата настрана и да ги прочитаат знаците две точки, цртичка и затворена заграда :-).
Во истиот запис Фалман го понудил и спротивниот знак со отворена заграда :-(, наменет за пораки што не се шега, иако подоцна корисниците почнаа да го применуваат исклучиво за тага или фрустрација. Низата се проширила низ мрежата на американските универзитети за само неколку месеци, пред воопшто да се појават современите графички емоџи икони.
Со текот на годините и модернизацијата на компјутерските системи, оригиналната порака на Фалман се сметаше за засекогаш изгубена. Постоеше само сведоштвото на професорот и сеќавањата на неговите тогашни соработници.

Во февруари 2002 година, тим компјутерски инженери во Карнеги Мелон започна вистинска дигитална потрага по старите бекап ленти. По неколкумесечно дешифрирање на магнетни ленти од осумдесеттите години, тимот успеа да ја пронајде точната низа податоци и да го потврди автентичниот текст на Фалман, потврдувајќи го рекордот забележан и во Гинисовата книга. Во 2021 година, оригиналниот запис беше продаден и како дигитален сертификат на аукција за 237.500 долари.