Битола вечерва станува филмски центар со отворањето на „Браќа Манаки“

Филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума ја крева завесата на 47. фестивалско издание со рекорден број светски кинематографери.

Со македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, вечерва во Центарот за култура во Битола започнува 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот годинава носи рекорден број филмски автори и едукативни содржини, а во Битола пристигнуваат некои од најзначајните светски кинематографери.

Покрај добитниците на наградите за животно дело Ден Лаустсен и Џеф Кроненвет, градот под Пелистер е домаќин на истакнати имиња од светскиот филм. Меѓу гостите се оскаровците Јануш Камински и Воли Фистер, како и турскиот режисер Семи Капланоглу и финскиот кинематографер Тимо Салминен.

Директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски, нагласи дека ова издание бележи исклучителен интерес и масовност кај авторите. Проекциите од главната селекција се сместени во салата на Центарот за култура, каде е инсталирана нова проекциска опрема и платно за поквалитетен приказ на филмската слика.

Главна новина за битолската публика годинава е отвореното кино во дворот на Музејот на Битола. На оваа локација граѓаните можат бесплатно да ги следат остварувањата од домашната програма „Макпоинт“.

Ова издание воспоставува и директно партнерство меѓу Друштвото на филмските работници на Македонија и Европската филмска академија преку нивниот сектор за кинематографери. Претседателката на ДФРМ, Марија Димитрова, соопшти дека соработката започнува со панел-дискусија закажана за 21 септември, посветена на условите за работа и техничките предизвици на снимателите. На дебатата учествуваат Јануш Камински и Тимо Салминен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс