Политички шпекулации за бегство во Москва, авион вратен среде лет, безбедносни проверки и полиција на белградскиот аеродром ја одбележаа ноќта меѓу 3 и 4 ноември во Србија. Во центарот на случувањата се најде поранешниот директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Александар Вулин, кој потврди дека бил во авионот и дека службено патувал за Москва.
Сè започна уште пред полетувањето. Претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, на социјалната мрежа Икс објави прашање кој вечерта, со летот во 18:30 часот, „бега за Москва“. Во објавата не беше наведено име, ниту беа понудени докази дека некој навистина се обидува да ја напушти Србија за да избега.
Неколку часа подоцна, авионот на „Ер Србија“, на летот ЈУ134, кој полетал од Белград во 18:48 часот, бил вратен откако стигнал до јужниот дел на Литванија. Според податоците од платформите за следење на летовите, авионот слетал во Белград непосредно пред 22 часот.
Потоа се појавија информации дека меѓу патниците биле Александар Вулин, директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, и претседателот на Српската народна партија, Ненад Поповиќ. Летот во текот на вечерта стана најследен на платформата „Флајтрадар24“.
Зошто авионот бил вратен?
Според неофицијални информации, причината за враќањето била сомнеж дека Вулин се качил во авионот без да ја помине задолжителната безбедносна проверка. Беше објавено дека директорот за корпоративна безбедност на аеродромот „Никола Тесла“, Милан Куч, по прегледувањето на снимките од надзорните камери утврдил дека не биле почитувани пропишаните процедури и побарал авионот да се врати.
„Ер Србија“ потврди дека авионот бил вратен откако добила информација од надлежните аеродромски служби за потребата од дополнителни безбедносни проверки поврзани со еден патник. Компанијата не го откри идентитетот на патникот.
Вулин: Спиев, се разбудив во Белград
По слетувањето се огласи и Вулин. Тој потврди дека бил во авионот, но категорично ги отфрли информациите дека ги избегнал безбедносните проверки. Раскажа дека спиел за време на летот и дека дури откако се разбудил дознал дека авионот се вратил во Белград. По излегувањето од авионот, како што изјави, забележал полицајци и припадници на специјалните единици.
Вулин тврди дека повторно ги поминал безбедносните проверки, заедно со останатите патници, а потоа бил подложен и на дополнителна индивидуална контрола. Според него, кај него не било пронајдено ништо незаконско.
Случајот го оцени како обид за политичка пресметка со него, обвинувајќи дека некој се обидува да го спречи неговото патување во Москва. За ова тврдење, сепак, не понуди докази.Вулин нагласи дека во Москва патувал службено и дека по завршувањето на проверките чекал повторно да се качи во авионот.
Безбедносен пропуст или политичка пресметка?
Воздухопловниот експерт Петар Војиновиќ предупреди на сериозноста на ситуацијата доколку се потврдат информациите дека била пропуштена безбедносна контрола. Според него, безбедносните процедури важат за сите патници, вклучително и за оние што имаат посебен ВИП-третман.
Во меѓувреме, во јавноста се појавија различни верзии за причините поради кои авионот бил вратен. Дел од медиумите првично го поврзаа пренасочувањето со ограничувањата на московските аеродроми поради напади со беспилотни летала, додека официјалното објаснување на „Ер Србија“ се однесуваше на потребата од дополнителна безбедносна проверка на патник.
Така, вечерта што започна со политичко прашање за наводно бегство во Москва заврши со враќање на авион полн со патници, дополнителни проверки и меѓусебни обвинувања. Останува неразјаснето која конкретна неправилност била причина за враќањето на летот, дали некој навистина ја заобиколил безбедносната контрола и дали ќе биде спроведена дополнителна истрага за постапувањето на аеродромските служби.
