Франсис Фукујама: Вештачката интелигенција ќе биде погубна за демократијата

Авторот на тезата за крајот на историјата во интервју за Ројтерс објаснува зошто пазарот и војната во Ирак му го сменија ставот и зошто технологијата го плаши.
Фото: Fronteiras do Pensamento, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Американскиот политички теоретичар Франсис Фукујама во интервју за новинската агенција Ројтерс отворено говори за преиспитувањето на сопствените ставови, најавувајќи ги новите мемоари. Професорот од Универзитетот Стенфорд оценува дека развојот на вештачката интелигенција претставува директна закана за современиот демократски поредок, но и за човечкото достоинство. Фукујама објаснува зошто одамна не се смета за конзервативец и зошто неговата позната теза за триумфот на либералната демократија со децении погрешно се толкува во јавноста.

Вештачката интелигенција најверојатно ќе има исклучително негативни последици врз демократските системи, предупреди Фукујама во разговорот од својата канцеларија во Пало Алто. Според него, економскиот удар прво ќе го почувствуваат луѓето од средната класа чии работни места брзо ќе бидат автоматизирани.

„Мислам дека вештачката интелигенција најверојатно ќе биде многу лоша за демократијата од цела низа причини. Нејзиното економско влијание ќе погоди многу луѓе од средната класа кои во моментов имаат сосема пристојни работни места, но тие ќе бидат автоматизирани. Тоа ќе го концентрира богатството кај луѓето што ги создаваат овие машини, а тоа веќе го гледаме. Тоа ќе отвори интересни и вознемирувачки прашања за тоа што значи да се биде човек, бидејќи ќе имате машини кои однадвор ќе можат да реплицираат голем дел од однесувањето на вистинско човечко суштество. Дали тоа го поткопува нашето сопствено чувство за достоинство, па, тоа е исто така можност и опасност. Навистина мислам дека ова ќе биде големиот предизвик на следната генерација“ вели Фукојама.

Целиот процес веќе создава огромна концентрација на капитал кај мал круг луѓе кои ги поседуваат овие технолошки системи. Машините наскоро ќе го реплицираат човечкото однесување, што според професорот наметнува мачни дилеми околу значењето на човечноста и зачувувањето на личното достоинство. Тој стравува и од спојот меѓу вештачката интелигенција и биотехнологијата, процес што овозможува директна манипулација со човековата природа и ги загрозува темелите врз кои почиваат универзалните човекови права.

Поводот за јавниот истап е неговата нова мемоарска книга насловена „Во царството на последниот човек“. Фукујама посочува дека две децении слуша барања да се откаже од својот најпознат есеј од 1989 година, што според него произлегува од целосно непознавање на неговите аргументи.

Фразата за крајот на историјата потекнува од германскиот филозоф Георг Хегел и не означува прекин на настаните, туку крајна насока на општествениот развој. Кога станало јасно дека Советскиот Сојуз ќе доживее колапс, единствена функционална форма остана спојот меѓу демократијата и пазарната економија.

Но, критичарите редовно го забораваат вториот дел од насловот инспириран од Фридрих Ниче. „Последен човек“ на Ниче нема аспирации оти големите борби завршиле. Луѓето не сакаат само мир и благосостојба, туку бараат борба заради самата борба. Кога демократските победи се веќе извојувани, незадоволството преминува во отпор кон самата демократија, феномен што според Фукујама го објаснува растот на популизмот на левицата и десницата.

Политичкиот аналитичар признава дека направил сериозни грешки во минатото, особено околу американската инвазија на Ирак. Поради јавното признавање на грешката и критиките кон поранешните соработници, прекинал контакти со долгогодишни пријатели од редовите на неоконзервативците.

Дополнителен пресврт му донела финансиската криза од 2008 година. Тогаш се покажало дека двете главни тези на американскиот конзервативизам, агресивната надворешна политика и верата во саморегулирачкиот пазар, предизвикаа катастрофални последици врз глобалната економија. Фукујама истакнува дека стабилноста на современите демократии отсекогаш зависела од социјалдемократските мерки, а не од неолибералните решенија.

Во американската внатрешна политика тој отворено застанува во одбрана на државната бирократија, институциите што Доналд Трамп ги напаѓа под терминот „длабока држава“. Професионалниот државен апарат, смета Фукујама, е суштински предуслов за функционирање на секоја модерна влада и за обезбедување основни јавни услуги за граѓаните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс