Џорџ Лукас отвора музеј на кој работел 17 години: Навикнат сум на невозможното

Објектот од 28.000 квадрати во Лос Анџелес наликува на вселенски брод, чува реквизити од „Војна на ѕвездите“ и дела од светски мајстори.
Фото: Lucas Museum of Narrative Art

Режисерот Џорџ Лукас и неговата сопруга Мелоди Хобсон го претставија Музејот на наративна уметност „Лукас“ во Лос Анџелес, проект на кој работеа полни 17 години. Комплексот е сместен до Меморијалниот колосеум и зафаќа површина од околу 28.000 квадратни метри. Творецот на култната франшиза „Војна на ѕвездите“ порача дека градењето на оваа институција било исклучително тежок потфат, воден од неговата постојана желба да ги остварува идеите што другите ги сметаат за неостварливи.

Зградата со футуристички изглед потсетува на вселенски брод и опфаќа повеќе од 30 изложбени галерии. Архитектонскиот дизајн е дело на кинескиот архитект Ма Јансонг од бирото MAD, во соработка со компанијата Stantec, додека пејзажното уредување околу објектот го потпишува Миа Лерер.

Внатрешноста нуди спој на популарна култура и класично сликарство. Покрај оригиналните филмски реквизити во природна големина од серијалот „Војна на ѕвездите“, поставени се дела од Фрида Кало, Диего Ривера, Норман Роквел, Максфилд Париш и Френк Фразета. Посебни оддели се наменети за стрип-уметноста, фотографијата, скулптурите и мотивите од американскиот Запад.

Лукас нагласи дека ликовната уметност и раскажувањето приказни не можат да се разгледуваат одвоено.

„Фасцинираат ме работи за кои луѓето велат дека не можат да се направат. Овој проект за малку ќе ми ја скршеше волјата“, призна тој при претставувањето на објектот, додавајќи дека отсекогаш одбивал да се вклопи во наметнатите правила.

Според американскиот автор, целта на музејот е да им оддаде почит на илустраторите кои визуелно ги оживуваат напишаните текстови. Најголем дел од тие приказни се митови што не се реални, но токму илустрацијата ги прави вистинити пред очите на публиката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс