Американскиот носач на авиони на нуклеарен погон USS „Abraham Lincoln“ се закотви во близина на Тајланд по рекордни 250 дена поминати на море без ниту едно пристанување во пристаниште.За речиси 5.000 членови на екипажот, пристигнувањето во близина на туристичкиот град Патаја претставува можност конечно да се одморат по повеќемесечната непрекината мисија.
Бродот пристигна во близина на Патаја, позната по бурниот ноќен живот. Градот има и посебна историска врска со американската војска – за време на Виетнамската војна таму на одмор доаѓале стотици илјади американски војници, што значително придонело Патаја од мало рибарско место да прерасне во голема туристичка дестинација.
Од рибарско село до туристички центар
Денес туристичките улици на Патаја се значително помирни. На познатата Walking Street баровите и понатаму се обидуваат да привлечат гости, но бројот на посетители е намален. Туризмот и потрошувачката во градот дополнително се погодени од последиците од војната во Иран. Затоа, пристигнувањето на илјадници американски морнари се гледа како значајна економска можност за локалните угостители и трговци.
„Овој посета можеби е нашата најголема надеж“, вели Анoн Саитеер, продавач на накит во близина на Walking Street, кој поставил натпис за добредојде за американските морнари и маринци и им понудил попуст.
Носачот испловил уште во ноември
USS „Abraham Lincoln“ испловил од Сан Диего во ноември минатата година. Првично било планирано неговата мисија во Пацификот и Јужното Кинеско Море да трае околу шест месеци. Меѓутоа, носачот бил пренасочен кон регионот на Персискиот Залив откако САД и Израел започнале воени операции против Иран кон крајот на февруари.
Долгото задржување на море предизвикало загриженост во американскиот Конгрес по извештаи за недостиг на храна, проблеми со тоалетите и зголемен психички стрес кај дел од екипажот. Американската морнарица признава дека условите биле тешки, но тврди дека на екипажот му е обезбедена потребната поддршка. Од морнарицата не сакале да ги коментираат деталите за пристанувањето во Патаја, повикувајќи се на оперативната безбедност.
Посебни ограничувања за американските војници
Тајландските и американските власти презедоа мерки посетата да помине без инциденти. За американските војници се одредени и локации кои не смеат да ги посетуваат. Меѓу нив е и Soi 6, улица во Патаја позната по големиот број барови за возрасни. Тајландските власти ги потсетиле американските војници дека проституцијата е незаконска, иако Патаја со децении е позната по индустријата за секс-туризам.
За американската посада се ограничени и посетите на дел од продавниците за канабис, како и учеството во одредени активности на вода, вклучително и параглајдинг и возење џет-ски.
Автобуси, хотели и стотици полицајци
Американската морнарица организирала автобуски превоз од пристаништето до Патаја, кој ќе функционира секојдневно од 5 часот наутро до 2 часот по полноќ. Обезбедени се и два хотела за членовите на екипажот кои сакаат да преноќат на копно.
Тајландските власти ангажирале стотици полицајци за обезбедување и надзор на туристичките и забавните зони, а локалните бизниси биле предупредени да не ги зголемуваат цените за американските гости. Тајландските власти се надеваат дека престојот ќе биде позитивен и за локалната економија, но и за имиџот на Патаја.
По неколкудневниот одмор, до 6 септември, USS „Abraham Lincoln“ треба да го продолжи патувањето кон САД, пловејќи преку Пацификот.