Колку чини секојдневното патување до Скопје? Месечните автобуски билети стигнуваат и до 7.500 денари

Колку плаќаат граѓаните за автобуски превоз до Скопје? Месечните билети од Куманово, Тетово и Велес, како и цените од Битола, Охрид, Струмица, Кавадарци и Кичево.

Поскапувањето на автобускиот превоз повторно го отвора прашањето колку навистина чини секојдневното патување до Скопје за граѓаните кои работат, студираат или редовно имаат обврски во главниот град. Цените значително се разликуваат во зависност од релацијата и превозникот, а за оние што патуваат секој работен ден, месечниот трошок може да биде сериозен дел од домашниот буџет.

На релацијата Куманово–Скопје, месечниот билет чини 6.000 денари, додека билетот во еден правец е 200 денари. Претходно едно патување чинело 170 денари. На релацијата Скопје–Тетово, месечниот билет е 6.500 денари, а билетот во еден правец чини 250 денари. Од Велес до Скопје, месечниот билет чини 5.500 денари, додека билетот во еден правец е 200 денари.

Од Кавадарци месечниот билет е 7.500 денари

Меѓу наведените релации, еден од највисоките месечни трошоци е за патниците од Кавадарци. Еднонасочниот билет до Скопје чини 450 денари, повратниот е 650 денари, а месечниот билет чини 7.500 денари. Од автобуската станица информирале дека цената на билетот во еден правец не е зголемена неколку години.

До Охрид еднонасочниот билет е 980 денари

За оние што патуваат од подалечните градови, трошокот е уште поголем. На релацијата Охрид–Скопје, билетот во еден правец чини 980 денари, додека повратниот е 1.380 денари. Според информациите од автобуската станица, цените се зголемени од летово.

Од Битола до Скопје, еднонасочниот билет чини 600 денари, а повратниот 950 денари. Од автобуската станица било потврдено дека оваа цена во моментов не е коригирана.

Струмица–Скопје: 650 денари во еден правец

Патниците од Струмица за едно патување до Скопје плаќаат 650 денари. Повратен билет повеќе нема како опција, според информациите од автобуската станица. Кај Штип–Скопје, билетот во еден правец е 360 денари, а повратниот 650 денари. Месечен билет нема, а според превозникот, цената не била зголемувана во последниот период.

За Кичево–Скопје, цените зависат од превозникот. Еднонасочниот билет чини 480, 530 или 580 денари, додека повратниот е 630, 680 или 750 денари. Месечен билет нема, а цените неодамна биле зголемени.

Колку станува тоа на годишно ниво?

За човек што секој месец патува од Куманово до Скопје и користи месечен билет од 6.000 денари, само превозот би чинел 72.000 денари годишно.

За Тетово, со месечен билет од 6.500 денари, годишниот трошок достигнува 78.000 денари, додека за Кавадарци, каде месечниот билет е 7.500 денари, годишниот трошок е 90.000 денари.

Токму овие суми покажуваат дека цената на превозот не е само прашање на неколку стотини денари за билет, туку значаен месечен и годишен расход за граѓаните кои секојдневно патуваат меѓу градовите.

За работниците со пониски приходи, студентите и граѓаните кои редовно мораат да патуваат до Скопје поради здравствени или административни обврски, цената на меѓуградскиот превоз станува сè поважен фактор при носењето одлука дали патувањето воопшто им се исплати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс