Французите го заменија скапиот дизел со масло од репка

Рекордно високите цени на дизелот во Франција ги натераа дел од возачите да бараат необични алтернативи.

На социјалните мрежи сè почесто се споделуваат видеа од Французи кои наместо дизел во резервоарите ставаат масло од репка, кое се користи како прехранбен производ.

Причината е едноставна – разликата во цената. Додека литар масло од репка може да се најде за околу 1,45 евра, дизелот на одредени француски бензински станици достигнува и до 2,90 евра за литар.

Една Французинка за француските медиуми изјавила дека веќе 15 години користи отпадно растително масло за својот автомобил „Мерцедес“. Таа вели дека маслото претходно го остава да се таложи и го филтрира, а го набавува од угостители и сопственици на мобилни објекти за продажба на храна.

Но, автомобилските и моторните експерти предупредуваат дека прехранбеното масло не е исто гориво како дизелот. Има различни физички својства и може да предизвика таложење во системот за вбризгување, особено кај современите дизел-мотори.

Експертката за процеси на согорување Кристин Русел од Универзитетот во Орлеан објаснува дека постарите автомобили, особено оние произведени во 1980-тите и 1990-тите, во одредени случаи полесно ги поднесуваат промените во својствата на горивото поради поедноставните системи за вбризгување.

Кај поновите дизел автомобили, ситуацијата е поинаква. Електронските системи прецизно го регулираат количеството гориво што се вбризгува во моторот, па различните својства на растителното масло можат да предизвикаат неправилно согорување, пад на моќноста и проблеми со работата на моторот.

Покрај техничкиот ризик, постои и правен проблем. Француската царинска служба предупредува дека користењето растително масло како гориво во возилата вообичаено претставува царински прекршок, за кој може да следува парична казна, а во одредени случаи и заплена на возилото.

Исклучоци постојат за одредени професионални корисници, особено во земјоделството, градежништвото и транспортот, под услов да ги исполнуваат законските услови.

Во меѓувреме, високите цени продолжуваат да го зголемуваат притисокот врз француските возачи. Просечната цена на дизелот достигна околу 2,41 евро за литар, а на дел од бензинските станици цената се приближува до три евра.

Токму затоа, растителното масло за дел од возачите станува примамлива идеја за поевтино возење – но експертите предупредуваат дека она што е евтино на бензинската пумпа може скапо да чини во сервисот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс