Пејзаж на Марс што од вселената изгледа како шума со дрвја предизвика изненадување кај научниците. На снимка направена во 2008 година од орбитерот „Марс риконесанс орбитер“ на НАСА, темните издолжени линии на замрзнатите дини во близина на северниот пол на планетата создаваат впечаток на дрвја и нивните сенки.
Но, необичниот призор нема никаква врска со вегетација. Темните форми се траги од песок што се лизга од врвовите на дините по нивните ледени падини. Феноменот е резултат на сезонските промени на јаглерод диоксидот, кој во текот на марсовската зима замрзнува, а со доаѓањето на пролетта преминува директно во гасовита состојба. На необичната снимка посочува и научниот портал „Сајенс алерт“.
Пролетта на Марс предизвикува експлозивни промени
Марс, исто како Земјата, има годишни времиња поради наклонот на својата оска. Но, промените во неговиот пејзаж се многу поинакви. Во текот на студената зима, јаглерод диоксидот од атмосферата замрзнува и ги покрива поларните области со слој сув мраз. Кога ќе пристигне пролетта, мразот не се претвора во течност, туку сублимира – директно преминува од цврста во гасовита состојба.
Процесот започнува кога сончевата светлина ќе продре низ проѕирниот слој мраз и ќе ја загрее површината под него. Така се создаваат џебови со гас под притисок. Кога притисокот ќе стане доволно силен, гасот избива низ пукнатините во мразот и исфрла темен песок на површината. Песокот потоа се спушта по падините на дините и остава долги темни линии. Гледани од орбита, тие изгледаат како стебла и крошни на дрвја.
Снимките покажуваат дека марсовските дини постојано се менуваат
Дека станува збор за активен геолошки процес, а не само за визуелна илузија, покажуваат и снимките од камерата ХајРИСЕ на орбитерот. На една од нив е забележан облак прашина во моментот кога материјалот се движел надолу по дината. Во научна студија објавена во 2011 година, тим предводен од планетарната научничка Кендис Хансен-Кохарчик од Институтот за планетарни науки анализирал снимки од поларните дини направени во текот на неколку марсовски години.
Истражувачите забележале значителни промени во пејзажот: на некои дини се формирале нови канали, додека во подножјето на други се насобрал свеж песок. Мерењата на пет дини покажале дека рабовите на нивните падини се поместиле меѓу 2,2 и 4,7 метри во текот на една марсовска година.
Со доаѓањето на летото, мразот целосно исчезнува, а со него и темните траги. Ветровите повторно ги обликуваат дините и ги израмнуваат нивните падини. Во зима, површината повторно замрзнува, подготвувајќи го теренот за истиот циклус следната пролет. Така, секоја година на Марс се појавува привидна шума – необична глетка создадена од мраз, гас и песок, без никакви знаци на живот.
