Францускиот суд денес одлучува за политичката иднина на Марин Ле Пен: „Не се плашам“

Ле Пен во март 2025 година беше осудена на петгодишна забрана за вршење јавна функција и четиригодишна затворска казна, од кои две години условно, поради злоупотреба на средства на Европски парламент.

Марин Ле Пен денеска ја чека одлуката на Апелацискиот суд во Париз за нејзината жалба против забраната за вршење јавна функција, која може да ја спречи да се кандидира на претседателските избори во Франција во 2027 година.

Одлуката ќе има големо влијание врз иднината на нејзината партија Национално обединување (RN), која според анкетите е меѓу фаворитите за следните избори. Доколку Ле Пен не може да се кандидира, партијата би можела да го предложи нејзиниот 30-годишен соработник Жордан Бардела.

„Не се плашам. Ако можам да се кандидирам, ќе се кандидирам, сè додека ми биде дозволено да водам кампања“, изјави Ле Пен.

Осудена за злоупотреба на средства од Европскиот парламент

Ле Пен во март 2025 година беше осудена на петгодишна забрана за вршење јавна функција и четиригодишна затворска казна, од кои две години условно, поради злоупотреба на средства на Европски парламент.

Судот утврди дека таа, заедно со други 24 поранешни европратеници, асистенти и сметководители, учествувала во систем во кој средствата на Европскиот парламент биле користени за плаќање партиски кадри на RN во Франција во периодот од 2004 до 2016 година.

Ле Пен ги отфрли обвинувањата и тврдеше дека нејзината партија е жртва на „лов на вештерки“. Во жалбената постапка призна дека имало „грешка“, но инсистираше дека верувала оти начинот на кој биле распределени средствата е дозволен.

Неколку можни исходи

Апелацискиот суд може:

  • да ја ослободи Ле Пен од обвиненијата;
  • да ја потврди вината, но да ја намали или укине забраната за вршење функција;
  • да ја остави забраната во сила, што би ја довело во прашање нејзината кандидатура за изборите.

Доколку забраната биде намалена на две години или помалку, таа би можела да истече пред првиот круг од претседателските избори, закажан за 18 април 2027 година. Сепак, евентуална затворска казна или други ограничувања би можеле сериозно да ја отежнат нејзината кампања.

„Не можам да зависам од тоа дали судијата ќе ми дозволи да водам кампања“, порача Ле Пен.

Борба за наследник ако Ле Пен биде спречена

Ако Ле Пен не може да се кандидира, главен кандидат на RN би бил Бардела, кој иако има голема поддршка во партијата, се соочува со критики поради недостатокот на политичко искуство.

Анкетите покажуваат дека и Ле Пен и Бардела би можеле да стигнат до вториот круг на изборите во 2027 година, но конечниот исход останува неизвесен. Противниците на RN сметаат дека неискуството на Бардела би можело да биде слабост, додека поддржувачите веруваат дека тој може да ја продолжи политичката линија на Ле Пен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс