Франција се откажува од Windows на 2,5 милиони компјутери: Европа тргнува во лов по дигитална независност

Француската администрација планира масовен премин од Windows кон Linux и од американски дигитални услуги кон европски алтернативи. Зад потегот не се само лиценците, туку и прашањето кој има контрола врз европските податоци.

Франција подготвува голема промена во начинот на кој нејзината државна администрација ја користи дигиталната инфраструктура. До есента 2026 година, француските министерства треба да подготват планови за намалување на зависноста од неевропски дигитални решенија, а една од најголемите промени е планираниот премин на околу 2,5 милиони работни станици од Windows на Linux. Но, Windows е само почетокот.

Француската меѓуресорска агенција за дигитални работи, ДИНУМ, во април објави директива со која министерствата и нивните институции се обврзуваат да подготват планови за намалување на зависноста од неевропски технологии во осум области: оперативни системи и работни станици, алатки за соработка, антивирусен софтвер, вештачка интелигенција, бази на податоци, виртуелизација, клауд-инфраструктура и мрежна опрема.

Самата ДИНУМ се постави како пилот-проект. Нејзините вработени веќе почнаа да се префрлаат од Windows на Linux.

Од Windows до „дигитален суверенитет“

Зад француската стратегија стои идејата дека зависноста од странски технолошки компании не е само прашање на цена или практичност, туку и прашање на безбедност и политичка автономија. Еден од моментите што ја засили оваа дебата беше случајот со Мајкрософт и поранешниот главен обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан.

Откако Мајкрософт, следејќи извршна наредба на американскиот претседател Доналд Трамп од февруари 2025 година, му го оневозможи пристапот до електронската пошта, Кан премина на швајцарскиот сервис Протон Мејл. За европските влади, случајот повторно го отвори прашањето за американскиот CLOUD Act – законската рамка која, под одредени услови, им овозможува на американските власти да бараат податоци од американски компании, без оглед на тоа каде физички се наоѓаат податоците.

Франција затоа најави премин на 2,5 милиони работни станици од Windows на Linux, а паралелно планира до 2027 година да ги замени и Мајкрософт Тимс, Зум и Вебекс со домашната платформа Визио.

„Не можеме повеќе да прифаќаме нашите податоци, нашата инфраструктура и нашите стратешки одлуки да зависат од решенија чии правила, цени и ризици не ги контролираме“, изјави францускиот министер за јавна администрација, Давид Амиел.

Европа годишно троши стотици милијарди на американски технологии

Францускиот потег се вклопува во поширока европска дебата за технолошкиот суверенитет. Европската комисија во пролетта претстави пакет мерки поврзани со технолошкиот суверенитет, кој опфаќа предлози за клауд и вештачка интелигенција, нова генерација на европската стратегија за чипови и поддршка за софтвер со отворен код.

Европската комесарка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, порача дека технолошката моќ станува геополитичко прашање и дека развојот на европски технологии повеќе не е само прашање на конкурентност, туку и на безбедност и демократија.

Во април Европската комисија склучи и шестгодишен рамковен договор вреден до 180 милиони евра со европски даватели на клауд-услуги, при што се воведува систем за проценка на нивото на технолошки суверенитет. Според податоците на француското здружение на ИТ-директори СИГРЕФ, дури 83 отсто од европската потрошувачка на клауд и софтвер, во вредност од околу 264 милијарди евра, и понатаму оди кон американски компании.

Истовремено, истражувачката компанија Гартнер проценува дека глобалната потрошувачка на суверени клауд-услуги во 2026 година ќе порасне за 35,6 отсто, достигнувајќи околу 80 милијарди долари.

Линукс наместо Мајкрософт: каде е сметката?

Еден од аргументите за преминот кон европски и отворени решенија се и потенцијалните заштеди. Тулуз, на пример, по преминот од Мајкрософт Офис на ЛибреОфис во 2012 година, во првите три години заштедил околу еден милион евра. Миграцијата чинела околу 800.000 евра, додека дотогашните лиценци чинеле околу 1,8 милиони евра на секои три години.

Италијанското Министерство за одбрана, според проценките наведени во анализата, очекува заштеда од околу 29 милиони евра на 150.000 компјутери.

Во германската покраина Шлезвиг-Холштајн, пак, се очекува во 2026 година да се заштедат повеќе од 15 милиони евра на лиценци, со еднократна инвестиција од околу девет милиони евра.

Француската жандармерија е уште поконкретен пример. Нејзините 103.164 работни станици користат сопствена Linux-дистрибуција, ГендБунту, која постепено се воведува од 2008 година. Според податоците наведени во анализата, системот носи околу два милиони евра годишна заштеда на лиценци, а вкупниот трошок на сопственост е намален за околу 40 отсто.

Но токму тука се појавува и проблемот: француската жандармерија имаше речиси две децении за постепена миграција. Француската администрација сега сака многу поголем дел од државниот систем да направи сличен чекор за многу пократко време.

Мајкрософт не се повлекува без борба

Мајкрософт, пак, најави дека ќе се спротивставува на евентуални наредби за прекин на клауд-услугите за европските владини корисници. Компанијата исто така најави формирање европски одбор составен исклучиво од европски државјани, кој би го надгледувал работењето на нејзините центри за податоци во согласност со европското законодавство.

Но тоа не го решава целосно правното прашање.

Мајкрософт и понатаму е компанија со седиште во САД, а американскиот CLOUD Act и понатаму е во сила. Затоа, дури и кога податоците се физички складирани во Европа, прашањето за тоа под чија правна јурисдикција се наоѓа компанијата останува.

Франција не е единствена

Францускиот план не се случува во изолација. Данска, преку Копенхаген и Архус, спроведува постепено намалување на зависноста од екосистемот на Мајкрософт. Италија и Австрија исто така разгледуваат или спроведуваат слични мерки, а низ Европа веќе има стотици илјади државни работни станици што користат алтернативни решенија.

Сепак, не сите аналитичари сметаат дека преминот е едноставна економска равенка. Даниел Кастро од вашингтонскиот Центар за иновации во податоците оцени дека директивата на ДИНУМ ја става технолошката сувереност пред секојдневната продуктивност и дека не е објавена целосна анализа на трошоците и придобивките.

Така, европската дебата веќе не е само „Windows или Linux“.

Прашањето е многу пошироко: кој ги контролира европските податоци, инфраструктурата и софтверот на кој зависат државите и што се случува кога таа контрола е во рацете на компании под јурисдикција на друга држава?

Франција сега се обидува да даде практичен одговор. А ако планот успее, преминот од Windows може да биде само највидливиот дел од многу поголемото европско оддалечување од американскиот технолошки екосистем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс