Франција пред нов бран протести: Учениците повторно на улица, во вторник им се придружуваат и работниците

Протестите што започнаа поради условите во француските училишта се проширија низ земјата и прераснаа во сериозни судири. Повеќе од 5.000 лица се уапсени, а влијателниот синдикат ЦГТ повика на национална мобилизација во вторник.
epa13277368 A pedestrian walks past damage in the aftermath of clashes occurred between riot police and demonstrators during a high school students' protest against education conditions in Paris, France, 02 October 2026. EPA/Firas Abdullah

По релативно мирниот викенд, Франција се подготвува за нова недела на протести во кои главната улога ја имаат средношколците. Движењето, кое започна во париските предградија поради лошите услови во училиштата, недостигот од наставници, пренатрупаните училници и долгите распореди, за само неколку недели се прошири низ земјата. Во дел од градовите протестите прераснаа во судири со полицијата, блокади и оштетување на училишта и друга инфраструктура.

Во петокот, ученичките организации најавија продолжување на протестите и повикаа на нова голема мобилизација во вторник, откако на средбата со министерот за образование Едуар Жефреј не добиле, како што оценија, доволно конкретни мерки. На протестот во вторник треба да им се придружи и ЦГТ, еден од највлијателните француски синдикати, кој повика на демонстрации, вклучително и штрајк.

Зад протестите стојат низа проблеми што учениците ги посочуваат со години. Тие зборуваат за дотраена училишна инфраструктура, пренатрупани училници, недостиг од наставници и друг персонал, преоптоварени распореди и недоволно средства за училиштата. Во текот на летните горештини, ученици се жалеле дека учат во училници без соодветна вентилација и ладење, додека во некои училишта биле пријавувани проблеми со протекување вода, оштетени тавани, мебел и нехигиенски услови.

Еден од барањата е и промена на системот за упис на високото образование преку платформата „Паркурсап“, која учениците ја критикуваат поради начинот на кој влијае врз селекцијата и пристапот до факултетите. Протестното движење истовремено отвори пошироко прашање за нееднаквоста во францускиот образовен систем, особено меѓу училиштата во богатите и посиромашните предградија. На транспарентите можеа да се прочитаат пораки дека образованието е право, а не привилегија.

Владата призна дека дел од барањата на учениците се оправдани и веќе најави некои отстапки. Министерот Жефреј соопшти дека ќе биде повлечено планираното зголемување на одредени уписни трошоци за високото образование, а најави и поголемо учество на учениците во носењето одлуки во училиштата и планови за надминување на недостигот од наставници. Ученичките организации, сепак, ги оценија овие чекори како недоволни и најавија продолжување на протестите.

Во меѓувреме, дел од протестите прераснаа во насилни инциденти. Во Нант беше запалено училиште, во Марсеј беше нападнато возило на противпожарната служба, а во други градови имаше судири со полицијата. Според француското Министерство за внатрешни работи, повеќе од 5.000 лица биле уапсени од почетокот на протестите, а стотици припадници на полицијата и жандармеријата се повредени.

Токму насилството е едно од главните прашања пред новата мобилизација. Француските власти предупредуваат дека мирните протести не се спорни, но остро реагираат на напади врз полицајци, училишта и друга инфраструктура. Организациите за човекови права, од друга страна, ја критикуваат употребата на солзавец и средства за растерување на демонстрантите, особено кога станува збор за малолетници.

Протестите веќе добија и поширока политичка димензија. Левичарската партија „Непокорна Франција“ на Жан-Лик Меланшон го поддржа движењето и ја критикуваше полициската реакција, додека владините претставници ја обвинуваат партијата дека се обидува политички да го искористи незадоволството на младите. „Непокорна Франција“ ги отфрла обвинувањата, а Меланшон тврди дека партијата го поддржува движењето, но не го организира.

Во исто време, протестите се случуваат во чувствителен политички момент за Франција. Претседателот Емануел Макрон поради ограничувањето на бројот на претседателски мандати не може повторно да се кандидира, а земјата се приближува кон следните претседателски избори. Затоа незадоволството на младите, реакцијата на владата и можноста протестите да се поврзат со пошироки синдикални и политички барања веќе се дел од пошироката политичка дебата.

Сега главниот тест ќе биде вторник, кога ученичките организации и синдикатите треба да излезат на улиците заедно. Дали протестот ќе остане мирен или ќе има нови судири со полицијата ќе биде едно од клучните прашања за француската влада, која во последните денови се обидува истовремено да ги смири барањата на учениците и да го спречи натамошното ширење на насилството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс