Франција става крај на повиците за продажба, казни до 375 илјади евра

Компаниите повеќе нема да смеат да ги вознемируваат граѓаните без претходна согласност, а казната за прекршување се качува до 375.000 евра.

Франција воведува строга забрана за сите несакани продажни повици без претходна и изрична согласност од граѓаните. Новите законски правила стапуваат на сила од 11 август и предвидуваат ригорозни парични казни до 375.000 евра за сите компании што ќе го прекршат правилото. Со овој чекор, француските власти му ставаат крај на агресивниот телемаркетинг што со години предизвикува поплаки кај потрошувачите.

Новиот регулаторен рамковен систем во Франција воведува т.н. „opt-in“ модел. Тоа значи дека телемаркетинг агенциите и компаниите повеќе немаат право да бараат телефонски броеви од бази на податоци и да ги повикуваат граѓаните, освен ако самите корисници претходно не дале јасна и недвосмислена согласност за контакт.

Досегашните механизми, кои бараа граѓаните рачно да се одјавуваат од листите за продажба, се покажаа недоволни, поради што државата премина кон целосна забрана за контактирање без одобрение.

За да обезбедат почитување на регулативата, француските власти одредија драконски санкции. За секое поединечно прекршување на правилата, компаниите ќе се соочат со парични казни што достигнуваат и до 375.000 евра.

Надзорните тела најавија интензивни контроли врз операторите и продажната мрежа, со фокус на сузбивање на автоматизираните повици и прекуграничните кол-центри кои нудат бизнис услуги.

е-Трн да боцка во твојот инбокс