Франција испраќа ракети за Украина по нападот врз Криви Рих

По ударот врз трговски центар во кој загинаа 16 луѓе, Париз најави нови испораки на противвоздушна одбрана и лиценци за производство.
Фото: X/@ZelenskyyUa

Франција ја засилува воената помош за Украина со пресретнувачи и противвоздушна опрема по рускиот напад врз трговски центар во Криви Рих. Францускиот претседател Емануел Макрон го извести украинскиот колега Володимир Зеленски за новите испораки, додека Киев добива и лиценци за домашно производство на француски ракети пред најавениот состанок на сојузниците.

Рускиот напад врз трговскиот центар во Криви Рих однесе 16 животи, а 130 граѓани беа повредени. Веднаш по нападот, францускиот претседател Емануел Макрон телефонски разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Макрон соопшти дека Париз испраќа ракети пресретнувачи и ја продолжува соработката во одбраната. Зеленски потврди дека двајцата лидери разговарале за итна потреба од противвоздушна заштита и договориле забрзување на испораката на најновата француска воена опрема.

Покрај директните испораки на опрема, Париз одобри и отстапување лиценци за производство на француски ракети директно во украинските капацитети. Зеленски јавно се заблагодари за оваа одлука, посочувајќи дека домашното производство е клучно за долгорочната одбрана на земјата.

Двајцата претседатели ги координираа и дипломатските активности со меѓународните партнери, вклучително и комуникацијата со американската администрација, со цел отворање нови дипломатски канали.

Во понеделник во Киев ќе се одржи состанок на таканаречената Коалиција на волните, чии домаќини се Франција, Германија и Обединетото Кралство. На средбата ќе се дефинираат следните чекори за поддршка на украинската одбрана.

Според најавите, околу десет европски лидери, меѓу кои и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, ќе присуствуваат лично во Киев, додека Макрон и дел од сојузниците ќе се вклучат преку видеоврска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс