Франција ја легализираше еутаназијата за неизлечиво болни пациенти

Францускиот парламент усвои закон со кој се дозволува еутаназија за неизлечиво болни полнолетни пациенти под строги услови. Следува уставна проверка и потпис од претседателот Макрон.

Францускиот парламент денеска го усвои законот со кој се легализира еутаназијата за полнолетни пациенти кои боледуваат од сериозни и неизлечиви заболувања. Премиерот Себастијан Лекорну најави дека законот ќе биде испратен на проверка пред Уставниот совет за да се обезбеди неговата примена да биде во согласност со уставните принципи и заштитата на човековото достоинство.

Според новото законско решение, право на асистирано умирање ќе имаат лица постари од 18 години кои се соочуваат со болест опасна по живот или се во терминална фаза, доколку трпат неподнослива болка и слободно, свесно и информирано ја донесат одлуката. Од законот се исклучени случаите кои се поврзани исклучиво со психолошко страдање.

Законот беше изгласан со 291 глас „за“ и 241 „против“, со што Франција им се приклучува на европските земји како Шпанија, Белгија и Холандија, кои веќе имаат различни форми на законски регулирана еутаназија.

Во случаите кога пациентот е физички способен, самиот ќе ја примени смртоносната инјекција. Доколку тоа не е возможно, постапката ќе ја спроведе медицински професионалец. Здравствените работници ќе имаат право да одбијат учество поради совест, но ќе бидат должни пациентот да го упатат кај друг стручен тим.

Критичарите предупредуваат дека лицата на кои им е одземена деловната способност нема да можат да побараат ваква помош, бидејќи според законот не можат самостојно да носат вакви одлуки.

По уставната проверка, законот треба да биде потпишан од претседателот Емануел Макрон, кој уште во изборната кампања во 2022 година вети поддршка за ваква законска реформа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс