Раководството на Филозофскиот факултет соопшти дека ги спроведува заклучоците на Државниот просветен инспекторат, по што на седум студенти на магистерски и на четворица на докторски студии им е поништен уписот и им е прекинато студирањето. Министерката Весна Јаневска потврди дека нерегуларностите се однесуваат на упис на втор и трет циклус студии, а не на додипломски студии.
Филозофскиот факултет при УКИМ соопшти дека постапува по решението на Државниот просветен инспекторат, кој констатирал нерегуларности при упис на дел од студентите на втор и трет циклус студии. Според раководството на факултетот, на седум студенти на магистерски и на четворица на докторски студии им е поништен уписот и им е прекинат статусот на студенти.
Деканот Оливер Бакрески изјави дека студентите не остануваат без диплома од претходното образование, но дека проблемот е во тоа што тригодишните стручни студии биле третирани како академски, иако според актуелната законска рамка од 2018 година тоа не овозможува продолжување на втор и трет циклус на ист начин.
Според Бакрески, првиот ваков упис бил реализиран во 2019 година. Досега, како што посочил, ниту еден од овие студенти не докторирал, а осум лица магистрирале, но засега нема решение дали нивните дипломи ќе останат важечки.
Тој нагласил дека факултетот не бил „фатен“ во неправилности по случаен инспекциски надзор, туку дека самиот побарал вонреден инспекциски надзор откако се појавиле сомнежи дека овие студии можеби не се законски поставени. Надзорот, според неговата изјава, траел од крајот на минатата година, а решението на ДПИ било донесено во март.
Факултетот соопшти и дека на студентите на кои им се прекинува студирањето ќе им бидат вратени уплатените средства, а дел од нив веќе биле контактирани за да ги достават своите трансакциски сметки.