ФИФА ги крши сопствените правила: Полувремето на финалето ќе трае и до 25 минути

Фото: U.S. Department of State

Паузата помеѓу полувремињата на недeлното финале на Светското првенство ќе трае помеѓу 20 и 25 минути, значително подолго од официјалниот лимит поставен со самите правила на фудбалската игра.

Причина е шоу во стил на Супербоул, кое ќе трае 11 минути и на кое ќе настапат Мадона, Шакира и К-поп бендот BTS, на стадионот „Њујорк Њу Џерси” (МетЛајф).

Правилата на играта, кои ги пропишува IFAB (Меѓународниот одбор за фудбалски асоцијации), јасно наведуваат дека играчите имаат право на пауза која „не смее да надминe 15 минути”. Дополнително, во правилникот стои дека должината на паузата може да се промени единствено со дозвола на судијата. Она што ја прави оваа ситуација особено спорна е фактот дека самиот IFAB веќе еднаш го одбил идентично барање, во 2021 година, кога тогаш го отфрли предлогот на КОНМЕБОЛ за продолжување на паузата на 25 минути, наведувајќи можно „негативно влијание врз благосостојбата и безбедноста на играчите” поради подолг период на неактивност.

И покрај тоа претходно одбивање, ФИФА веќе еднаш го прекршила истото правило. Паузата на финалето на минатогодишното Светско клубско првенство, исто така организирано од ФИФА и одржано на истиот стадион во Њу Џерси, траела вкупно 24 минути, поради настап на Coldplay, Ј Балвин, Доја Кет, Темс и Емануел Кели. Тоа издание, според аналитичарите, всушност послужило како своевидна генерална проба за она што сега се случува сега.

Експертите предупредуваат дека паузи подолги од 20 минути обично значат дека играчите го губат физичкиот замав стекнат во првото полувреме и мора повторно целосно да се загреат пред продолжување на натпреварот, што директно го отежнува враќањето на интензитетот на игра.

Финалето на Светското првенство почнува во 15:00 часот локално време, односно 21 часот по македонско време, со церемонија на затворање која започнува во 13:30 часот (19:30), на која настапуваат Том Круз, Лаура Паузини, Никол Шерзингер, Роби Вилијамс и IShowSpeed, а американската химна ќе ја отпее Џенифер Хадсон. Шпанија веќе го обезбеди своето место во финалето, победувајќи ја Франција со 2:0 во вторникот, а нејзиниот противник ќе биде познат вечерва, откако Англија и Аргентина ќе играат во второто полуфинале.

е-Трн да боцка во твојот инбокс