Фестивалот „Откриј ги тајните на корејската убавина“ почнува денеска во Скопје Сити Мол и до 10 мај ќе им понуди на посетителите содржини посветени на современите трендови за нега на кожа, корејската козметика и нејзиниот пристап кон убавината.
Настанот ќе се одржува на приземјето од трговскиот центар, каде љубителите на негуваната кожа ќе можат да се запознаат со различни производи, корејски рутини за нега и практични совети за постигнување здрава, сјајна и мазна кожа.
Во текот на трите фестивалски дена се предвидени и едукативни панел-дискусии со дерматолози, фармацевти и експерти за корејска козметика. Тие ќе зборуваат за современата дермокозметика, активните состојки, правилната употреба на производите и придобивките од корејскиот пристап кон секојдневната нега.
Првата панел-дискусија ќе се одржи денеска, 8 мај, во 18 часот, на тема „Активни состојки во корејската нега и како правилно да се користат“. Говорнички ќе бидат д-р Ивана Панговска, специјалист по дерматологија, и Стефанија Златку Лузевска, основачка и сопственичка на Yeppeuda.
Во сабота, 9 мај, во 17 часот, фармацевтката и експертка за корејска козметика Марија Крстевска ќе зборува на темата „Како да се состави ефикасна корејска рутина за нега на кожа“.
Последниот фестивалски ден, 10 мај, ќе биде посветен и на важноста на заштитата од сонце. Во 14 часот, асс. д-р Маја Димова, специјалист дерматовенеролог, и Лилјана Бошковска Ризор, стручен соработник, ќе говорат на темата „Месец на меланом: SPF не е тренд, туку навика“.
На фестивалот ќе бидат претставени брендовите CosLOVEmetics, Yeppeuda и K-Beauty Зегин.
Корејската козметика во последните години станува сè поприсутна и кај нас, пред сè поради фокусот на секојдневна, постепена и внимателна нега. Производите најчесто се препознаваат по лесните текстури, природните состојки и пристапот кој не се потпира на брзи и агресивни третмани, туку на редовна рутина, хидратација и заштита на кожата.
Фестивалот е можност посетителите на едно место да добијат појасна слика за тоа што значи K-beauty, како правилно се користат производите и кои рутини најмногу одговараат на различни типови кожа и возрасти.