Возејќи од пол-позицијата, Ферстапен ја освои четвртата последователна победа на легендарната патека во Сузука, со само 1.4 секунди предност пред Норис, а Пијастри заврши трет, седум десетинки зад својот тимски колега.
Клучниот момент на трката се случи во 22. круг, кога Ферстапен и Норис истовремено влегоа во боксот. При излезот, двата болиди беа речиси израмнети, но Норис мораше да вози по тревникот. Тој изјави дека бил “истиснат”, но стјуардите оценија дека немало потреба од истрага, бидејќи Ферстапен бил малку пред него.
До крајот на трката, Ферстапен вешто ги менаџираше гумите, додека Норис и Пијастри притискаа, но не успеаја да се доближат доволно за да активираат DRS. Со ова, тројцата најбрзи во Сузука сега имаат по една победа сезонава, а Норис води во генералниот пласман со само еден поен пред Ферстапен, додека Пијастри заостанува 13 поени.
Зад водечките, Чарлс Леклер финишираше на четвртото место без поголем притисок, Џорџ Расел беше петти, а Кими Антонели, кој по првпат во кариерата водеше кругови во Ф1, го освои шестото место. Луис Хамилтон заврши седми по престигнувањето на „рукито“ Исак Хаџар, а поени освоија и Алекс Албон (9.) и Оливер Бирман (10.).