„Луче“: Ферари го претстави својот прв целосно електричен автомобил

Италијанскиот производител влегува во нова ера со модел од над 1.000 коњски сили и цена повисока од половина милион евра

Италијанскиот производител на луксузни спортски автомобили Ferrari официјално го претстави својот прв целосно електричен автомобил – моделот „Luce“ („Луче“), со што компанијата влегува во нова фаза од својата историја. Станува збор за електричен автомобил со четири врати и пет седишта, развиен како комбинација од високи перформанси, технологија и луксуз. 

Новиот модел е создаден во соработка со дизајнерскиот тим LoveFrom, предводен од поранешниот главен дизајнер на Apple, Џони Ајв. Од Ferrari велат дека целта била да се создаде „целосно нов вид Ferrari“, кој ќе ги задржи емоцијата и препознатливото чувство на брендот и во електричната ера. 

„Луче“ располага со четири електромотори и моќност поголема од 1.000 коњски сили, а според првичните податоци забрзува од 0 до 100 километри на час за околу 2,5 секунди. Максималната брзина надминува 310 километри на час. 

Автомобилот користи батерија од 122 kWh и има автономија од околу 530 километри според WLTP стандардот. Поддржува брзо полнење до 350 kW, што овозможува значително пократко време на полнење во споредба со повеќето електрични автомобили на пазарот. 

Дизајнот предизвика поделени реакции кај јавноста и љубителите на Ferrari. Дел од аналитичарите сметаат дека минималистичкиот изглед и формата со четири врати значително отстапуваат од класичните Ferrari модели, додека други оценуваат дека токму тоа е неопходен чекор за иднината на брендот. По презентацијата, акциите на Ferrari привремено забележаа пад на берзата. 

Од компанијата нагласуваат дека „Луче“ не треба да се гледа како замена за традиционалните модели со бензински мотори, туку како дополнување на понудата. Ferrari и понатаму планира да произведува автомобили со V8 и V12 мотори, како и хибридни модели. 

Цената на новиот електричен Ferrari ќе започнува од околу 550.000 евра, а првите испораки се очекуваат кон крајот на 2026 година. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс