Ф1: Трката за ГН на Бахраин ќе се вози во Малезија поради војната во Иран

Патеката Сепанг се враќа во календарот на Формула 1 од 2 до 4 октомври, откако договорот овозможи спасување на трката.
Фото: Leminhel, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Формула 1 и ФИА потврдија дека Малезија ќе биде домаќин на трката за ГН на Бахреин во 2026 година. Тркачкиот викенд ќе се одржи на патеката Сепанг од 2 до 4 октомври, сместен помеѓу трките во Азербејџан и Сингапур. Одлуката е донесена со договор меѓу раководството на шампионатот и владите на двете земји, со цел да се зачува овој настан во календарот.

Патеката Сепанг дебитираше во Формула 1 во 1999 година и важи за една од најпредизвикувачките патеки во спортот. Последната трка во Малезија се возеше во 2017 година, кога победи Макс Верстапен. По речиси една деценија пауза, патеката повторно ќе угости болиди од највисоката класа, а остатокот од календарот за 2026 година останува непроменет.

Престолонаследникот и премиер на Бахреин, Салман бин Хамад Ал Калифа, изјави дека и покрај тековните регионални предизвици, неговата земја останува посветена на спортот. Договорот со малезискиот премиер Анвар Ибрахим овозможи организација на трката надвор од Бахреин, под официјалното име „Формула 1 Гран при на Бахреин во Малезија“. За конечно активирање на договорот е потребно формално одобрување од Светскиот моторспорт совет на ФИА.

Претседателот на Формула 1, Стефано Доменикали, посочи дека спортот покажа способност брзо да се прилагодува и да наоѓа решенија. Претседателот на ФИА, Мохамед Бен Сулајем, истакна дека безбедноста на тимовите, официјалните лица и навивачите била главен приоритет при донесувањето на одлуката. Информациите за продажбата на билетите за настанот во октомври ќе бидат објавени наскоро.

е-Трн да боцка во твојот инбокс