Во Грција и оваа година ќе бидат распоредени пожарникари од повеќе европски земји, кои во текот на летниот период ќе им помагаат на грчките колеги во справувањето со шумските пожари, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за програма во рамки на Европскиот механизам за цивилна заштита, преку која земјите меѓусебно си помагаат во периоди на зголемен ризик од пожари.
Во Грција ќе бидат распоредени 245 пожарникари
Од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција соопштија дека од 16 јули до 15 септември во земјата постепено ќе пристигнат вкупно 245 пожарникари.
Тие доаѓаат од Франција, Молдавија, Романија и Чешка, а ќе бидат распоредени во оперативните бази на грчката противпожарна служба во областа Атика, поширокиот регион на Атина, како и во Солун и Патра.
Целта е да им помогнат на грчките пожарникари во справувањето со шумските пожари, но и да се обучуваат заедно со нив во реални услови на терен.
Од Министерството посочуваат дека стекнатите искуства и знаења потоа ќе бидат пренесени и во земјите од кои доаѓаат пожарникарите.
Грчки пожарникари ќе помагаат во Франција и Кипар
Во рамки на истата европска програма, две грчки единици составени од вкупно 21 пожарникар ќе бидат распоредени во други земји.
Од 1 до 15 јули 2026 година тие ќе бидат во јужна Франција, каде што ќе им помагаат на француските колеги, а од 1 до 15 септември 2026 година ќе бидат распоредени на Кипар.
Како дел од подготовките за овогодишната програма, на крајот на мај бил организиран заеднички едукативен семинар, а уште еден семинар бил одржан еден месец подоцна.
Најголем број учесници досега
Оваа година во програмата учествуваат 777 пожарникари од 14 земји од Европскиот механизам за цивилна заштита, што, според грчкото Министерство, е најголем број досега.
Освен во Грција, пожарникари ќе бидат распоредени и во Франција, Шпанија, Италија, Кипар и Португалија.
Грција учествува во програмата за распоредување странски пожарникари веќе петта година по ред, уште од самиот почеток. Земјата беше домаќин и на пилот-проектот во 2022 година.
Минатата година во Грција, во рамки на програмата, пристигнаа 323 пожарникари од Австрија, Бугарија, Франција, Молдавија, Романија и Чешка.