Европската Унија воведува дополнителни такси за нарачките од Temu, Shein и AliExpress

Граѓаните во земјите од Европската Унија од 1 ноември ќе се соочат со дополнителни трошоци за онлајн купување од платформи кои испраќаат стока надвор од Унијата. Европската комисија ги утврди новите давачки за да ги покрие растечките трошоци на царинските служби поради огромниот бран мали пратки.

Купувачите во земјите-членки на Европската Унија од 1 ноември ќе плаќаат нова дополнителна такса за стоката нарачана онлајн од земји надвор од Унијата. Оваа мерка директно ги засега популарните глобални платформи за купување како што се Temu, Shein и AliExpress. Европската комисија ја утврди оваа таканаречена „такса за ракување“ преку делегирана уредба за да ги покрие трошоците на царинските служби. Новиот царински закон е одговор на огромниот бран мали пратки кои секојдневно пристигнуваат на европскиот пазар.

Според појаснувањата од царинските и даночните управи, оваа давачка не се наплаќа по пакет, туку по секој различен артиал во него. Доколку во еден пакет има два исти производи, тоа ќе се смета за еден артикал, но секој различен производ носи дополнителен трошок. Новата сума се плаќа и за сите пратки чија вредност надминува 150 евра, што досега не беше случај со стандардните царини. Оваа такса директно се додава на веќе постоечката царина што на испораките се наплаќа уште од јули.

Давачката примарно ја плаќаат компаниите кои поднесуваат царински декларации за пакетите, односно самите платформи, продавачите и курирските служби. Доколку продавачот одлучи да го префрли трошокот врз купувачот, граѓаните ќе го платат при самата нарачка или на курирот пред преземањето. Оваа такса нема да им се враќа на купувачите дури и во случаи кога стоката е вратена или оштетена. Сепак, мерката нема да важи за оние производи кои во моментот на купување веќе се наоѓаат во магацините во ЕУ.


Бидејќи оваа регулатива важи исклучително за корисниците кои живеат во државите од Европската Унија, таа нема директно да ги засегне граѓаните во регионот надвор од Унијата. Сепак, експертите предвидуваат дека глобалните е-трговци може да ги променат своите продажни цени и логистички рути за сите пазари. Овој чекор е дел од пошироката стратегија на ЕУ за заштита на домашниот пазар и воспоставување фер конкуренција меѓу локалните и странските трговци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс