Европската комисија: Подобрата заштита на границите го намали илегалниот влез во ЕУ за 26%

Европската комисија соопшти дека незаконските преминувања на надворешните граници на Европската Унија се намалиле за 26 проценти во 2025 година, благодарение на новите системи и построгите миграциски мерки.

Европската Комисија соопшти дека подобрената заштита на надворешните граници на Европската Унија довела до намалување на незаконските преминувања за 26 проценти минатата година во споредба со 2024 година. Во извештајот се наведува и значително подобрување во враќањето на лица кои немаат право на престој во Европската Унија, при што стапката на враќање во 2025 година достигнала 28 проценти, највисоко ниво во последната деценија.

„Клучна пресвртница за заштитата на надворешните граници беше целосното пуштање во употреба на системот за влез/излез (EES) во април 2026 година“, соопшти Европската комисија.

Над 66 милиони регистрирани влезови и излези

Во првите шест месеци од целосната примена на системот, земјите членки регистрирале повеќе од 66 милиони влезови и излези, а бил спречен влез на околу 32.000 лица кои немале право за влез во Европската Унија. Подобрените резултати во управувањето со шенгенските граници, според ЕК, се должат и на измените во националните законодавства на земјите членки, усогласени со Европскиот пакт за миграција и азил, кој целосно стапува во сила на 12 јуни оваа година.

Нови правила за враќање на мигранти

Големи очекувања постојат и од новата регулатива за враќање на мигранти кои немаат право на меѓународна заштита. Преговорите меѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент за оваа регулатива се во завршна фаза. И покрај подобрените резултати, десет земји членки и понатаму задржуваат привремени гранични контроли во рамки на шенген-зоната. Европската комисија ги повика државите да користат алтернативни мерки, како што се случајни проверки внатре на територијата на државите, наместо контроли директно на границите.

„Иако внатрешните гранични контроли можат да помогнат во справувањето со одредени миграциски и безбедносни предизвици, постојат поефикасни решенија. Тука спаѓаат оперативната соработка, размената на информации и проверките внатре во државите“, наведува Европската комисија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс