Повеќе од половина од потрошувачите во еврозоната користат кинески платформи за онлајн купување, а само во текот на 2024 година во Европската Унија пристигнале 4,17 милијарди пратки со вредност до 150 евра. Ова го покажува анализата на Европската централна банка (ЕЦБ), која укажува дека популарноста на платформите како Temu, Shein и AliExpress продолжува да расте.
Истражувањето покажува дека најчесто се купуваат облека, производи за домот и електроника, категории во кои купувачите се најчувствителни на цената. Речиси две третини од нарачките се во вредност до 25 евра, а девет од десет не надминуваат 50 евра.
Најголем број корисници има во Грција, Португалија и Шпанија, каде повеќе од 70 проценти од испитаниците изјавиле дека купуваат преку овие платформи. Најниска употреба е забележана во Германија и Франција.
Според ЕЦБ, ниските цени и големиот избор производи се главните причини за нивната популарност. Потрошувачите сметаат дека на овој начин полесно ги контролираат трошоците, особено во услови кога и понатаму внимателно ги споредуваат цените.
Од друга страна, речиси половина од анкетираните не користат кинески платформи поради сомнежи во квалитетот на производите, безбедноста на плаќањата и заштитата на личните податоци, како и поради еколошките последици од транспортот и прекумерната амбалажа. Дел од нив преферираат да купуваат европски производи за да ги поддржат локалните компании.
Анализата покажува и дека геополитичките тензии имаат ограничено влијание врз одлуките на купувачите. За мнозинството потрошувачи цената, практичноста и разновидноста на понудата остануваат многу поважни од политичките околности.
ЕЦБ оценува дека ваквите навики на потрошувачите можат да имаат влијание и врз движењето на цените во еврозоната, бидејќи евтиниот увоз дополнително го зголемува конкурентскиот притисок врз европските трговци.