ЕУ и Украина потпишаа договор за производство на дронови

ЕУ и Украина потпишаа договор за заедничко производство на дронови. Проектот ќе се финансира со европски средства и ќе ги вклучи сите земји членки.

Европската Унија и Украина потпишаа договор за заедничко зголемување на производството на дронови, технологија која во последните години стана еден од клучните фактори на современото војување.

Договорот во Киев го објавија претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

ЕУ ќе ја обезбеди индустријата, Украина – искуството

Целта на партнерството е да се спои индустрискиот капацитет на Европската Унија со искуството што Украина го стекна во повеќе од четири години војна со Русија.

Според Зеленски, украинската индустрија моментално произведува околу 10 милиони дронови годишно, а планот е тој број да се удвои.

„Произведуваме 10 милиони дронови годишно, а ќе стигнеме до 20 милиони. Украина прва суштински го промени начинот на кој се води војната на бојното поле“, изјави Зеленски.

Дроновите одиграа клучна улога во украинската одбрана, овозможувајќи ѝ на земјата да го надомести недостатокот од човечки ресурси и да изведува напади длабоко на руска територија.

Финансирање од европски фондови

Проектот ќе се финансира преку два европски механизми – заемот од 90 милијарди евра наменет за поддршка на Украина и преостанатите околу 10 милијарди евра од европската одбранбена програма SAFE.

За разлика од досегашните билатерални договори меѓу Украина и поединечни земји-членки, новата иницијатива ќе биде отворена за сите 27 држави од Европската Унија.

Дроновите ќе се произведуваат и складираат во ЕУ

Една од најзначајните новини е можноста дел од производството и складирањето на дроновите да се одвива на територијата на Европската Унија, наместо во Украина, со цел да бидат заштитени од руски напади.

Складирањето ќе биде привремено, бидејќи технологијата брзо се развива. По два до три месеци дроновите ќе бидат испраќани во Украина или во земјите-членки кои сакаат да ги зајакнат своите одбранбени капацитети, особено на источната граница на ЕУ.

Во иднина и заедничко производство на ракетни системи

Претседателката на Европската комисија најави дека Брисел во иднина планира соработката со Украина да ја прошири и на заедничко производство на балистички и противбалистички ракетни системи, иако тој проект засега останува долгорочна цел.

„Сега е време да инвестираме во Украина, во Европа и во нашата заедничка безбедност и иднина“, порача Урсула фон дер Лајен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс