ЕУ подготвува удар врз евтиниот кинески увоз: Брисел стравува од нов „кинески шок“

Европската Унија разгледува нови царини и ограничувања за кинескиот увоз поради растечкиот трговски дефицит и стравувањата дека европската индустрија губи битка со евтините производи од Кина.

Европската Унија подготвува нов пакет мерки против евтиниот увоз од Кина, откако во Брисел се зголемија стравувањата дека европската индустрија би можела сериозно да ја загуби конкурентската трка со кинеските производители.

Според европски претставници, се разгледуваат нови царини, ограничување на зависноста од кинески компоненти и дополнителни механизми за трговска заштита, додека аналитичарите предупредуваат дека Европа веќе се соочува со нов „кинески шок“. Зависноста од кинески добавувачи расте во повеќе клучни сектори – од хемиската индустрија до телекомуникациите, а европските компании предупредуваат на губење пазари, пад на производството и закана за работните места.

Дополнителен притисок врз Брисел создава и растечкиот трговски дефицит со Кина. Според податоците од кинеската царина, Пекинг во првите четири месеци од 2026 година остварил трговски суфицит од 113 милијарди долари со ЕУ-27, што е значително повеќе во споредба со 91 милијарда долари во истиот период лани.

Во текот на 2025 година, трговскиот дефицит на Европската Унија со Кина достигнал речиси 360 милијарди евра. Тензиите дополнително се продлабочија откако Кина најави можни контрамерки поради неколку европски закони што го ограничуваат пристапот на кинеските компании до европскиот пазар. Во петокот, Пекинг им забрани на кинеските компании да соработуваат со Европската комисија во рамки на истрагите за странски субвенции. Европските комесари за ова прашање ќе разговараат на 29 мај, кога се очекува Брисел да ги разгледа следните чекори за заштита на европската економија.

Според правилата на ЕУ, Комисијата може да воведе дополнителни давачки за компании што продаваат производи по цени пониски од домашните, како и да отвори истраги за неправедни државни субвенции. Сепак, европските институции се соочуваат и со административен проблем, бидејќи бројот на истраги расте, а Генералниот директорат за трговија располага со ограничен број службеници за нивна обработка.

Според „Еуроњуз“, меѓу една третина и половина од сите тековни истраги се поврзани со хемискиот сектор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс