Европската Унија подготвува нова стратегија за да ја зацврсти својата позиција во трката за технологиите на иднината. Европската комисија во средата ги претстави плановите за подготовка на Европа за квантната ера, меѓу кои и мобилизирање инвестиции до 50 милијарди евра во оваа област. Целта е континентот да не заостане во следната голема технолошка револуција, како што во голема мера се случи во глобалната трка за вештачка интелигенција.
Во центарот на планот е предложениот Закон за квантни технологии (Quantum Act), кој треба да ѝ помогне на ЕУ да стане еден од светските лидери во оваа област, но и да ја заштити од новите закани за сајбер-безбедноста што ги носи развојот на квантните компјутери.
Квантната технологија ги користи законитостите на квантната механика, според кои честичките можат да постојат на повеќе места истовремено. Тоа отвора можности за огромен напредок во компјутерската моќ, безбедноста на комуникациите и сензорската опрема. Но, истовремено, носи и сериозни ризици, бидејќи квантните компјутери би можеле значително да го забрзаат процесирањето податоци и да ги направат ранливи денешните системи за заштита.
Предлог-законот е дел од пошироките напори на ЕУ да ја врати технолошката самостојност по долгогодишната зависност од американските технолошки компании и кинеските синџири за снабдување со критични компоненти. Европската комисија го претстави како рамка што треба да ги овозможи и координира инвестициите и развојот, по примерот на законите за чипови – Законот за чипови 1 и 2, со кои се настојуваше да се зголеми домашното производство на полупроводници.
Комисијата смета дека Европа има добра основа за да се наметне во квантната индустрија. Една третина од компаниите во оваа област се наоѓаат во ЕУ, а европските компании и истражувачи учествуваат со 44 отсто во вкупниот број патенти поврзани со квантни технологии. Целта е Унијата да стане глобален лидер до 2030 година.
„Со Законот за квантни технологии ги поставуваме клучните елементи за врвните европски истражувања да ги претвориме во индустриски капацитети, да ги зајакнеме критичните синџири за снабдување и да се подготвиме за сајбер-ризиците поврзани со квантното пресметување“, изјави во средата Хена Виркунен, европската комесарка за технологии.
Таа додаде дека Европа веќе има изградена силна основа во квантните технологии, но сега треба да ја претвори во индустриски капацитет, отпорни синџири за снабдување и безбедна примена. Според процените на Европската комисија, глобалниот пазар на квантни технологии до 2040 година би можел да надмине 155 милијарди евра. Само квантното пресметување би можело да создаде економска вредност од 1,3 до 2,7 били
