Европската унија подготвува нов пакет мерки со кои компаниите во блокот ќе бидат обврзани да ги набавуваат клучните компоненти од најмалку три различни добавувачи, со цел да се намали зависноста од Кина, пренесува Financial Times.
Според предлогот, кој се однесува на повеќе стратешки индустрии како хемиската и машинската индустрија, ниту еден добавувач не би смеел да учествува со повеќе од 30 до 40 проценти во снабдувањето. Останатиот дел би морал да биде распределен меѓу најмалку три добавувачи од различни држави.
Мерките доаѓаат во контекст на растечките тензии околу глобалните синџири на снабдување и доминантната улога на Кина во преработката на критични минерали, кои се клучни за производство на полупроводници, електрични возила и напредни технологии. Пекинг во неколку наврати го користеше ограничувањето на извозот како економски инструмент на притисок.
Покрај ова, европскиот комесар за трговија Maroš Šefčovič најави и можност за воведување на казнени царини за кинески хемикалии и машини, со цел да се намали трговскиот дефицит на Европската унија и да се заштитат домашните компании од нелојална конкуренција. Во исто време, ЕУ ја засилува соработката со САД во обезбедување критични суровини, вклучително и преку договори за стратешко партнерство.
Според извештаите, планот е сè уште во рана фаза и треба да биде разгледан на состанок на Европската комисија посветен на односите со Кина на 29 мај, по што би можел да биде финализиран од лидерите на Унијата кон крајот на јуни.