ЕУ воведува нови правила за пластиката и пакувањата: Големи промени за потрошувачите од 2030 година

ЕУ воведува нови правила за пластиката и амбалажата. Од 2030 се ограничуваат непотребно големите пакувања, а се зајакнуваат рециклирањето и повторната употреба.

Европската Унија воведува нови правила со кои постепено треба да се намалат пластичниот отпад и непотребно големите пакувања. Дел од мерките почнуваат да се применуваат постепено, а некои од најзначајните промени за потрошувачите се предвидени од 2030 година.

Целта е да се намали огромното количество отпад од пакување што секоја година се создава во ЕУ. Според податоците на Евростат, во 2023 година еден жител на Унијата во просек создал 177,8 килограми отпад од пакувања.

Новите правила предвидуваат до 2040 година количеството отпад од пакување да се намали за 15 проценти во споредба со нивото од 2018 година.

Пакувањата ќе мора да бидат погодни за рециклирање

Една од главните промени е барањето пакувањата што се пласираат на европскиот пазар да бидат погодни за рециклирање.

Предвидени се исклучоци за одредени видови продажна амбалажа, меѓу кои пакувања изработени од лесно дрво, плута, текстил, гума, керамика, порцелан и восок.

Новите правила треба да влијаат и врз начинот на кој производителите ги дизајнираат пакувањата.

Ќе бидат ограничени пакувањата со двојни ѕидови, лажно дно или непотребни слоеви со кои се создава впечаток дека производот е поголем отколку што навистина е.

Крај за непотребно големите кутии

Од 1 јануари 2030 година ќе се применуваат и построги правила за големината на пакувањата. Производителите и увозниците ќе треба да обезбедат амбалажата да биде сведена на минималната потребна големина.

Намерата е да се намали количеството материјал што непотребно се користи за пакување, но и просторот што го зафаќаат производите при транспорт и складирање.

Промени ќе има и кај амбалажата за повеќекратна употреба. Од февруари 2029 година таа ќе треба јасно да биде означена и лесно да се разликува од пакувањата за еднократна употреба. Правилото ќе се применува и во физичките продавници и при онлајн продажбата.

Угостителите ќе треба да прифаќаат садови од гостите

Промените ќе бидат видливи и во угостителството. Од 12 февруари 2027 година угостителските објекти ќе треба да овозможат користење садови што самите гости ќе ги донесат за храна и пијалаци за носење.

Со тоа ЕУ сака дополнително да ја намали употребата на амбалажа за еднократна употреба.

Паралелно со европските правила, во Германија се разгледуваат и дополнителни национални мерки. Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл планира воведување такса за пластика, со што користењето на овој материјал би станало поскапо.

Новата европска регулатива е дел од пошироката политика за намалување на отпадот и преминување кон поголема повторна употреба и рециклирање на амбалажата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс