Апелацискиот суд во Иран ја потврди казната од 74 удари со камшик за познатата пејачка Парасту Ахмади, која настапувала без задолжителен хиџаб, соопштија нејзините адвокати.
Ахмади во декември 2024 година одржала концерт облечена во фустан без ракави, а настапот во живо го пренесувала на својот канал на Јутјуб. Иранските закони забрануваат јавни настапи на жените и наложуваат носење марама и облека која го покрива телото.
Иранското обвинителство покренало постапка против 29-годишната пејачка откако снимката од нејзиниот настап станала вирална и собрала милиони прегледи. Властите тогаш соопштиле дека настапот бил „во спротивност со законските и културните прописи на земјата“.
Кривичниот суд во Ком го прогласил Ахмади и уште осум членови на нејзиниот бенд и продукциски тим за виновни за обвиненија кои вклучуваат „навредување на јавниот морал“ преку објавување „непристојна и неморална содржина“.
Покрај 74-те удари со камшик, на осудените лица им е забрането две години да се занимаваат со аудиовизуелни активности и да ја напуштаат земјата.
Во петокот повисокиот суд ја одбил жалбата на обвинетите без одржување расправа, изјавија нивните адвокати.
„Според нашето мислење, одржувањето на концертот воопшто не претставуваше кривично дело. Првостепениот суд изрече една од најстрогите казни за овие обвиненија, иако беа достапни и парични казни и поблаги санкции“, изјавил еден од адвокатите за Би-би-си.
Тој додал дека апелацискиот суд имал можност да одржи расправа, но тоа не го направил и ја потврдил пресудата.
Првичната пресуда предизвика бројни реакции меѓу Иранците на социјалните мрежи.
Пејачката Гугуш, која живее во егзил, тогаш напиша дека се надева дека „ќе завршат овие мрачни денови“ и дека жените повторно ќе имаат слобода сами да одлучуваат како ќе живеат и како ќе се облекуваат.
Музичарот Хосеин Ализадех изјави дека е „подготвен да прими 70 удари со камшик наместо Парасту Ахмади“.
Пресудата ја осудија и организации за човекови права. Амнести интернешнл предупреди дека камшикувањето претставува сурова, нехумана и понижувачка казна и ја прекршува апсолутната забрана за тортура и други форми на малтретирање.
Според иранскиот закон, кој се темели на толкување на шеријатското право, жените и девојчињата по влегувањето во пубертет мора да ја покриваат косата со хиџаб и да носат долга, широка облека која ги прикрива контурите на телото.
Во 2022 година Иран беше зафатен од масовни протести по смртта на 22-годишната Курдка Махса Амини, која полицијата за морал во Техеран ја привела поради наводно неправилно носење хиџаб.
За време на протестите низ земјата, жените ги палеа или мавтаа со своите марами, протестирајќи против верското раководство. При задушувањето на протестите безбедносните сили убија стотици луѓе.
Оттогаш, многу жени и девојки во јавноста повеќе не ја покриваат косата, отворено спротивставувајќи се на правилата за облекување. Властите одговорија со повремени апсења, предупредувања, затворање деловни објекти и други мерки.