Новиот филм на Срѓан Јаниќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“, го привлече вниманието на меѓународната филмска критика по светската премиера на Филмскиот фестивал во Олденбург.
„The Film Verdict“ го опишува како возбудлив морален трилер и оценува дека станува збор за филм со потенцијал да патува широко по меѓународната фестивалска сцена.
И тука ќе застанеме со приказната. Бидејќи ова е филм во кој колку помалку знаете однапред, толку подобро.
Она што може да се каже без да се расипе гледањето е дека Јаниќијевиќ нè носи во препознатлив современ свет на политичка моќ, медиуми, корупција, општествени поделби и морални компромиси. Свет во кој одлуките што изгледаат мали можат да станат големи, а приватното и политичкото многу брзо престануваат да бидат одвоени категории.

Скопје како простор на напнатост
Дејството е цврсто врзано за Скопје, но градот не функционира само како сценографија. Тој е дел од атмосферата на филмот – современ град во кој политиката, медиумите, телефоните, социјалните мрежи и приватните животи постојано се судираат.
„The Film Verdict“ особено ја издвојува способноста на Јаниќијевиќ да создаде постојано чувство дека нешто може да тргне наопаку.
Тоа е веројатно и најдобриот teaser за филмот.
Нема големи спектакли. Нема потреба ниту од нив. Напнатоста доаѓа од луѓето, нивните избори и од сознанието дека во систем во кој моќта е концентрирана, понекогаш е доволен еден погрешен чекор за целиот живот да се промени.

Силна актерска екипа
Јаниќијевиќ зад себе има актерска екипа со некои од најсилните имиња на македонската сцена, меѓу кои Никола Ристановски, Сашко Коцев, Дарја Ризова и Оливер Митковски.
Меѓународната рецензија го пофалува и начинот на кој филмот ги поврзува различните ликови и перспективи, додека приказната постепено создава сè поголемо чувство на притисок.
Во еден момент критиката прави и интересна паралела со „Locke“ на Стивен Најт, особено во начинот на кој движењето, телефонските разговори и технологијата стануваат дел од самото филмско раскажување.
Но „Нема да ви се верува што се случи претходно“ останува цврсто закотвен во сопствената средина.
И токму тоа можеби е неговата најинтересна страна: приказната е локална и препознатлива, но темите се универзални.

Филм за моќта и за луѓето соочени со неа
Под жанровската површина, Јаниќијевиќ отвора теми што одамна не се само македонски: политичка и институционална моќ, медиуми, конзервативизам, насилство, омраза и притисокот врз оние кои не се вклопуваат во она што мнозинството го смета за прифатливо.
„The Film Verdict“ во филмот препознава мрачен свет, но не и свет без отпор.
И можеби токму тука треба да заврши сè што треба да знаете пред да го гледате.
„Нема да ви се верува што се случи претходно“ изгледа како еден од оние филмови за кои е подобро прво да влезете во кино, а дури потоа да прочитате што точно сакал да каже режисерот.
Сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов, Дејан Дуковски и Срѓан Јаниќијевиќ , директор на фотографија е Дејан Димески, монтажата е на Мартин Иванов, а музиката на Игор Василев – Новоградска.
