ЕУ не го олеснува EES системот: Што ќе значи новото правило за патниците од Македонија?

ЕУ одби да ги ублажи правилата за новиот EES систем и покрај застојот на границите. Патниците од Македонија може да очекуваат подолго чекање при влез во Шенген.

Европската комисија одлучи да не го олеснува спроведувањето на новиот Систем за влез и излез (EES), и покрај предупредувањата од авиокомпаниите и аеродромите за зголемени гужви и подолго време на чекање на одредени граници. Одлуката директно ги засега и патниците од Македонија кои патуваат во земјите од Шенген зоната, бидејќи новите биометриски проверки ќе продолжат да се применуваат според истите правила на сите гранични премини.

Претставници на европската воздухопловна индустрија побарале привремено намалување на биометриските проверки на најфреквентните аеродроми и гранични премини во текот на летната сезона, кога бројот на патници е најголем. Сепак, Европската комисија го одбила предлогот со образложение дека различни правила на различни граници би ја нарушиле единствената примена на системот во целата Шенген зона.

Што значи EES за македонските патници?

За граѓаните на Македонија не се менуваат условите за влез во Шенген зоната. И понатаму важи правилото за краткорочен престој до 90 дена во период од 180 дена. Но, при влез и излез од Шенген, патниците ќе мора да поминат низ нова регистрација која вклучува:

  • скенирање на пасошот;
  • фотографирање на лицето;
  • земање отпечатоци од прсти при првата регистрација;
  • дигитално евидентирање на влезот и излезот.

Тоа значи дека на почетокот може да има подолго време на чекање, особено на најоптоварените аеродроми и гранични премини во летниот период.

Авиокомпаниите предупредуваат на застои

Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) предупреди дека патници веќе се соочуваат со доцнења и пропуштени конекции во земји како Португалија, Шпанија, Италија, Грција и Белгија. Авиокомпанијата Ryanair предупреди и на значителни застои на аеродромите во туристички дестинации како Аликанте, Малага и Палма.

Европските власти оценуваат дека системот мора да се применува еднакво во сите земји-членки, бидејќи негово делумно активирање би создало дополнителна конфузија. Паралелно со EES, Европската Унија разгледува можност за одложување на воведувањето на системот ETIAS – електронска дозвола за патување за државјани од земји кои имаат безвизен режим со ЕУ.

Според актуелните информации, ETIAS сè уште е планиран за последниот квартал од 2026 година, но конечниот датум дополнително ќе биде објавен.

ЕУ: Системот носи и безбедносни резултати

Европската комисија соопшти дека од почетокот на целосната имплементација на EES се регистрирани околу 110 милиони влезови и излези, а на повеќе од 44.500 лица им бил спречен повторен влез во Шенген зоната поради прекршување на правилата за престој или користење лажни документи. Од Комисијата признаваат дека на околу 20 гранични премини има значително подолго чекање, но наведуваат дека системот функционира на околу 1.500 премини и во најголем дел без сериозни проблеми.

За македонските патници главната препорака е да пристигнуваат порано на аеродромите и границите, особено во периоди со зголемен туристички сообраќај, бидејќи новите проверки може да го продолжат времето потребно за преминување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс