ЕУ ќе инвестира повеќе од половина милијарда евра во стартап-компании за развој на чипови

Европската комисија и земјите членки ќе обезбедат 525 милиони евра за поддршка на стартапите во полупроводничката индустрија. Целта е Европа да го намали заостанувањето зад САД и Кина во производството и дизајнот на чипови.

Европската Унија ќе инвестира 525 милиони евра во стартап-компании што се занимаваат со развој на чипови, со цел да им помогне побрзо да го прошират своето работење. Ова го најави Хена Виркунен, еврокомесарката задолжена за технологија. Иницијативата треба да придонесе Европа да го намали заостанувањето зад Соединетите Американски Држави и Кина во оваа индустрија.

Европската комисија и земјите членки ќе обезбедат 440 милиони евра неповратна финансиска поддршка за стартап-компаниите, за да им помогнат да ги покријат трошоците за развој на чипови наменети за комерцијална употреба. Дополнителни 85 милиони евра ќе бидат наменети за финансирање на Европската платформа за дизајн на чипови.

„Знаеме дека Европа не може да ја зајакне својата позиција во глобалната индустрија за полупроводници ако не успее во дизајнот на чипови. Поттикнувањето динамичен екосистем за дизајн ќе создаде побарувачка за производствени капацитети, а истовремено ќе го зајакне целиот синџир на вредност во Европа“, изјави Виркунен.

Според податоците на Европската комисија, европските компании што се занимаваат со дизајн на чипови остваруваат помалку од еден процент од глобалните приходи во овој сегмент.


Новата платформа ќе им овозможи на стартап-компаниите пристап до алатки за дизајн на чипови, услуги за поддршка во процесот на дизајнирање, блокови на интелектуална сопственост, како и производствени капацитети.

е-Трн да боцка во твојот инбокс