Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември, го затекнува македонското општество со сериозни системски предизвици во заштитата на човековите права и сузбивањето на дискриминацијата. Најновиот Извештај на Европската комисија (ЕК) за Северна Македонија од 4 ноември 2026 година нотира дека социјалните мрежи се главна платформа за говор на омраза, додека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во 2025 година разгледала 559 случаи, од кои повеќе од половина се однесуваат на работата и работните односи.
Европската комисија укажува дека Северна Македонија мора да ги зајакне правната рамка и институционалните капацитети за справување со говорот на омраза и злосторствата од омраза. Брисел препорачува земјата доследно да ја примени Препораката број 15 на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ).
Податоците од извештајот покажуваат дека дигиталниот простор, пред сè социјалните мрежи, функционира како главен канал за ширење говор на омраза. Истовремено, ЛГБТИК+ заедницата продолжува да се соочува со континуирана дискриминација. Дополнително, Европската комисија нотира дека државата сè уште ја нема ратификувано Европската повелба за регионални или малцински јазици.
Во текот на 2025 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација разгледала вкупно 559 предмети. Повеќе од половината од овие пријави се однесуваат на дискриминација по основ на работа и вработување, што укажува дека нееднаквиот третман е најприсутен токму на работните места.
Проблемот со предрасудите се прелева и во јавниот и политичкиот дискурс. На 28 април 2026 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе одлука со која утврди вознемирување врз основа на објава на општински советник од 20 октомври 2025 година насочена кон Ромите, како што информираше Европскиот центар за права на Ромите (ЕРРЦ). Со оваа одлука, терминот „ѓупци“ официјално беше прогласен за кодиран расистички јазик.
На ваквите состојби претходно укажаа и други европски институции. Европскиот парламент во својот извештај за 2023 и 2024 година нотираше судска одлука за говор на омраза кон ЛГБТИК+ лицата, додека комесарот за човекови права на Советот на Европа во својот меморандум од јули 2025 година и ЕКРИ во шестиот извештај дадоа конкретни насоки за унапредување на заштитата на малцинските и маргинализираните групи.
Меѓународниот ден на толеранцијата се одбележува секој 16 ноември врз основа на Декларацијата за принципите на толеранцијата, усвоена од Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО) на 16 ноември 1995 година, за време на нејзината 28-ма Генерална конференција. Една година подоцна, во 1996 година, Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) со Резолуцијата 51/95 ги повика земјите-членки да го одбележуваат овој датум.
Документот на УНЕСКО децидно утврдува дека толеранцијата не претставува попустливост ниту рамнодушност, туку активно почитување, прифаќање и уважување на богатството од различности во светските култури, форми на изразување и начини на човеково постоење. Таа се темели врз признавањето на универзалните човекови права и основните слободи на другите.
