DW со анализа: Дали германските тајни служби добиваат овластувања како ЦИА и Мосад?

Германските разузнавачки служби досега имаа строго ограничени надлежности, но со законската реформа нивните овластувања значително се прошируваат. Сепак, и натаму се води дебата дали новите надлежности се во согласност со германските закони и уставните принципи.

Германските тајни служби со години бараа поголеми овластувања и сега ги добија. Со реформата на нивната работа, која во петокот (13 ноември) ја усвои и Бундестагот, Сојузната разузнавачка служба (БНД) и Сојузната служба за заштита на уставниот поредок добија можност да преземаат и активни оперативни мерки. Што значи тоа во практиката, анализира DW?

На пример, БНД, која е надлежна за странство, во иднина ќе може активно да се спротивставува на сајбер-напади од странски држави така што дигитално ќе ги напаѓа нивните технички системи и ќе ги онеспособува. Во краен случај, ќе биде дозволено дури и уништување непријателско оружје доколку тоа претставува закана за Германија. Весникот „Зидојче цајтунг“ овие и другите проширувања на овластувањата ги нарекува „дозвола за саботажа“.

Не треба да се очекува појава на германскиот агент 007, но просторот за дејствување на службите значително се проширува.

Поголеми овластувања добива и домашната разузнавачка служба, односно Сојузната служба за заштита на уставниот поредок. Меѓу другото, во посебни околности што претставуваат сериозна закана, таа ќе може да влегува во станови на осомничени лица без судски налог за претрес, како и да манипулира со нивните компјутери и мобилни телефони.

Германскиот министер за внатрешни работи, Александер Добринт од ЦСУ, овие промени ги нарекува „реформа на векот“. Тој ги оправдува со сè поголемата закана од Русија и други држави, како и од политичкиот и верскиот екстремизам. Германија е цел на хибридни закани.

„Целта им е да го дестабилизираат нашето население, нашата демократија и нашата земја во целина“, изјави Добринт.

Зелените, како единствена опозициска пратеничка група, беа воздржани, додека против законот гласаа Алтернатива за Германија (АфД) и Левицата. Двете партии ја обвинуваат владејачката коалиција на демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократите (СПД) дека отишла предалеку. Според нив, реформата пред сè го нарушува таканаречениот принцип на раздвојување на тајните служби и полицијата.

Поуки од нацистичкото минато

Досега тоа во практиката значеше дека БНД и Сојузната служба за заштита на уставниот поредок првенствено собираат информации за спречување закани, додека Сојузната криминалистичка служба (БКА) и полициските управи во 16 германски сојузни покраини се занимаваат со оперативно откривање и гонење кривични дела. Ваквата поделба на надлежностите е условена од историските околности и произлегува од искуствата од периодот на националсоцијализмот.

Тогаш, речиси семоќната Тајна државна полиција – Гестапо – беше едно од главните средства на теророт, со кое луѓето биле прогонувани и убивани од политички, верски и расистички причини. Затоа победничките сили во Втората светска војна одлучиле во Германија строго организациски да ги раздвојат полицијата и тајните служби и да им доделат различни задачи.

Дали сега, всушност, дојде крајот на тоа строго раздвојување? Мислењата се поделени.

Добринт ги обвинува АфД и Левицата дека сакаат да ги ослабат БНД и Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, па дури и да ги укинат.

„Сакате да ни ги врзете рацете. Дали поуката од историјата е да капитулираме пред непријателите на демократијата? Мораме да ја заштитиме демократијата од тие луѓе“, изјави тој.

Критиките за реформата не доаѓаат само од парламентот. Експертот за уставно право Матијас Бекер од Универзитетот во Мајнц на сослушувањето пред Бундестагот во октомври изречно предупреди на опасноста од доделување оперативни овластувања на тајните служби.

Како конкретен пример ја наведе новата можност Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, кога тоа е потребно, да провалува во станови. На тој начин добива овластувања што никогаш не би ѝ биле дадени на полицијата.

„Полицијата не влегува некаде и не уништува работи“, остро критикуваше Бекер.

Дали е загрозена доверливоста на изворите?

Загриженост изразува и меѓународната организација за човекови права „Репортери без граници“, која се залага за слобода на медиумите ширум светот. Нејзиниот директор, Кристијан Мир, особено предупредува на недоволната заштита на лицата што поради својата професија се обврзани да чуваат професионална тајна, меѓу кои се и новинарите.

Медиумите зависат од доверливи информации за да можат да откриваат неправилности. Само така можат да ја исполнуваат својата контролна улога, загарантирана со германскиот Устав. Според Мир, таа улога би можела да биде загрозена доколку тајните служби сега добијат дозвола за автоматизирана анализа на податоци. Притоа ќе можат да користат и вештачка интелигенција.

Сепак, БНД ќе смее тајно да ја надгледува комуникацијата меѓу медиумите и нивните соговорници само со одобрение од Независниот надзорен совет. Оваа одредба е вметната на предлог на организацијата „Репортери без граници“.

За Сојузната служба за заштита на уставниот поредок таквото ограничување не важи.

„Бундестагот мора да ја отстрани таа правна празнина“, бара Мир и најавува дека, доколку биде потребно, организацијата ќе поднесе тужба пред Сојузниот уставен суд.

Во Независниот надзорен совет во иднина ќе членуваат федерални судии, државни обвинители, претставници на министерствата и пратеници во Бундестагот. Целта е мерките за надзор со кои длабоко се навлегува во приватноста однапред да се проценуваат од различни аспекти. Законот ваквите постапки ги нарекува „постапки слични на судските“.

Сега како ЦИА и Мосад?

Работата на тајните служби ќе ја надгледува и Парламентарното контролно тело (ПКГр). Неговиот претседател, Марк Хенрихман од ЦДУ, ја поздравува законската реформа и новите овластувања на БНД и Сојузната служба за заштита на уставниот поредок. Тој смета дека двете служби сега се рамноправни партнери на служби како американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) и израелскиот Мосад.

Овој демохристијанин е убеден дека Германија сега ќе може повеќе од досега да им помага на пријателските држави во борбата против тероризмот и сајбер-криминалот.

„Ако немам што да понудам, партнерите во одреден момент ќе кажат: ‘Без тебе можеме многу побрзо’“, изјави Хенрихман во разговор за ДВ.


„Затоа ние, Германците, заклучивме дека мора да одиме во чекор со времето и да бидеме чекор пред другите, како што некои од нив веќе извесно време прават“, додаде тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс