Студентската листа во Србија најавува промени во системот на одбраната, со акцент на подобрување на условите за припадниците на војската, рамномерен развој на сите родови и служби и модернизација на воената опрема. Меѓу плановите е и постепено зголемување на буџетот за одбрана од досегашните два до два и пол проценти на три проценти од бруто-домашниот производ.
Лука Понорец, претставник на Студентската листа и член на програмската група за одбрана, во разговор за РТС изјави дека приоритет ќе биде човечкиот ресурс, кој, според него, долго време бил запоставуван. Планот предвидува подобрување на животниот стандард на сите припадници на војската, од офицерите до цивилните лица, како и враќање на институциите во рамките на нивните законски надлежности.
Понорец посочи дека зголемувањето на буџетот нема да има ефект доколку средствата не се распределуваат наменски. Според него, треба да се намали зависноста од надворешни услуги и повеќе да се користат сопствените капацитети на војската.
Во однос на враќањето на задолжителниот воен рок, тој потврди дека плановите предвидуваат 75-дневна обука, чиј почеток е планиран за март. Според информациите што ги изнесе, обновени или пренаменети се повеќе од 200 објекти. Сепак, Понорец предупреди дека обновените касарни и набавената опрема не се доволни за квалитетна обука.
Како аргумент го наведе одливот на кадарот од војската. Од 158 офицери промовирани во 2015 година, од неговата генерација, околу 60 веќе не се во службата. Тој посочи и дека дел од младите што доброволно служеле воен рок се пожалиле на недостиг од вистинска обука, при што голем дел од времето го поминувале во чистење на касарните и физичко обезбедување на објектите.
Затоа, според Понорец, пред воведувањето на задолжителниот воен рок мора да се направи реална процена на расположливиот кадар што ќе ги обучува регрутите, како за општата така и за специјалистичката обука.
Студентската листа најавува и продолжување на модернизацијата и набавката на оружје и воена опрема, но врз основа на потребите на војската и преку надлежните институции. Понорец смета дека сите постојни договори за набавки треба да се преиспитаат, а оние што се во интерес на одбранбениот систем да продолжат. Меѓу приоритетите ги спомена ракетната артилерија со дострел од 150 до 300 километри и интегрираниот систем за противвоздушна одбрана.
Во програмата се предвидува и преиспитување на работата на воените безбедносни служби, кои, според Понорец, треба да се вратат во рамките на своите надлежности и да не бидат користени за политички пресметки. Тој најави и поголема поддршка за воените ветерани, како и продолжување на меѓународната воена соработка, без пристапување кон воени сојузи.
Во однос на Косово и Метохија, Понорец рече дека Студентската листа сака поголема улога на КФОР и соработка со меѓународните сили врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и Војнотехничкиот договор од Куманово.
