ЕУ ја казни Temu со 200 милиони евра поради продажба на небезбедни производи

Европската унија ја казни кинеската онлајн платформа Temu со 200 милиони евра поради продажба на небезбедни играчки и неисправни полначи. Компанијата најави дека ќе ја оспори одлуката.

Европската унија ја казни големата кинеска онлајн платформа Temu со 200 милиони евра поради продажба на небезбедни производи, меѓу кои опасни играчки за бебиња и неисправни полначи. Одлуката е донесена во Брисел, а надлежните институции утврдиле дека компанијата „не ги идентификувала, анализирала и проценила системските ризици“ поврзани со производите што се нудат на платформата.

Истрага што траела од 2024 година

Истрагата против Temu започнала во октомври 2024 година и опфатила проверка дали платформата ги исполнува обврските според европското законодавство за заштита на потрошувачите. Во рамки на истрагата била спроведена и тајна набавка преку независна организација за тестирање, при што било утврдено дека значителен дел од купените полначи не ги поминале основните безбедносни тестови.

Исто така, било откриено дека голем број играчки за бебиња претставуваат ризик поради присуство на хемикалии над дозволените граници или мали делови што можат да предизвикаат гушење. Од Temu соопштија дека не се согласуваат со одлуката и сметаат дека казната е несразмерна. Компанијата најави дека разгледува правни и други опции за реакција.

Покрај казната, Temu е обврзана да достави план за отстранување на утврдените недостатоци до 28 август. Европската комисија потоа ќе има рок од два месеца да оцени дали компанијата ги исполнила барањата и ги подобрила безбедносните стандарди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс