Европската Унија постигна договор за пролонгирање на примената на дел од Законот за вештачка интелигенција, со што ограничувањата за високоризичните системи ќе бидат одложени до декември 2027 година. Одлуката доаѓа по силен притисок од технолошката индустрија и неколку земји членки, кои предупредуваа дека строгите правила можат да ја ослабнат конкурентноста на европските компании.
Договорот беше постигнат меѓу Европскиот парламент, земјите членки и кипарското претседателство со Советот на ЕУ по ноќни преговори што траеле до раните утрински часови, објави „Политико“.
Со новото решение, значителен дел од индустриските апликации на вештачката интелигенција ќе бидат изземени од најстрогите обврски на законот. Тоа се смета за дипломатска и економска победа за Германија, која се залагаше за олеснување на правилата за големите индустриски компании како „Сименс“ и „Бош“.
Според договорот, компаниите што користат индустриска вештачка интелигенција нема да мора да исполнуваат двојни регулаторни обврски, туку усогласувањето ќе се врши преку постојните правила за машини и индустриска опрема.
Сепак, одредени чувствителни области, како медицинските уреди, остануваат целосно опфатени со Законот за вештачка интелигенција.
Одлуката претставува прво поголемо повлекување на ЕУ во областа на дигиталната регулатива, во време кога Унијата е под зголемен притисок од САД и од сопствената индустрија поради стравувањата дека Европа ризикува да заостане во глобалната технолошка трка.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави компромисот, оценувајќи дека тој ќе создаде „едноставна и иновативна средина“ за развој на вештачката интелигенција во Европа, додека паралелно ќе се задржат механизмите за заштита на граѓаните.
Покрај одложувањето на високоризичните правила, договорот предвидува и пократок преоден рок за означување на содржини генерирани со вештачка интелигенција. Наместо првично предложените шест месеци, компаниите ќе имаат рок од три месеци за усогласување.
Во новите измени е вклучена и забрана за системи што создаваат сексуализирани „дипфејк“ содржини со препознатливи лица, како и за алатки што генерираат детска порнографија. Овие мерки следуваат по глобалните реакции за злоупотреба на генеративни алатки за создавање лажни експлицитни содржини.
Законот за вештачка интелигенција официјално стапи во сила во август 2024 година и беше претставен како прв сеопфатен законски пакет во светот за регулирање на AI-технологиите.
Но, бидејќи мал број земји го следеа европскиот модел, во последниот период се засилија критиките дека ЕУ прерано вовела строги правила и со тоа ја намалила сопствената конкурентност во однос на САД и Кина.
Од друга страна, организациите за човекови права и граѓанските организации предупредуваат дека олабавувањето на регулативата може да ја зголеми опасноста од злоупотреби, дискриминација и нарушување на приватноста преку новите технологии.