Светска здравствена организација објави дека во Швајцарија е потврден уште еден случај на хантавирус, кај патник од крузерот MV Hondius, на кој избувна заразата и кој моментално е закотвен кај Зеленортски Острови. Досега три патници од бродот починале од хантавирус.
Според СЗО, пациентот од Швајцарија се јавил во болница во Цирих откако добил мејл од организаторот на патувањето за појавата на заразата. Тој е хоспитализиран и прима терапија.
Швајцарскиот министер за здравство објасни дека пациентот и неговата сопруга го напуштиле бродот на островот Света Елена во Атлантскиот Океан и се вратиле во Швајцарија. Бродот бил таму од 22 до 24 април, а патниците заминале на 25 април со лет кон Јоханесбург во Јужноафриканска Република. Парот се вратил дома кон крајот на април. Жената засега нема симптоми и се самоизолирала од претпазливост.
Шефот на вирусолошката лабораторија во Женева, каде што е потврден вирусот, изјави дека пациентот има благи симптоми. Според него, симптомите се појавуваат во период од една до три недели по контактот, а смртноста кај овој тип хантавирус изнесува од 30 до 50 проценти.
Една патничка од истиот лет и од бродот починала во болница во Јужна Африка, додека британски
Од хантавирус на бродот на 11 април починал 69-годишен Холанѓанец, а неговата сопруга и телата биле симнати на островот Света Елена на 24 април. Жената починала подоцна во Јужна Африка. Третата жртва е германски државјанин кој починал на 2 мај.
Евакуација и лекување
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, соопшти дека три пациенти се евакуирани од крузерот и ќе бидат пренесени на лекување во Холандија. Станува збор за Британец (56), Холанѓанец (41) и Германец (65). Организаторот на патувањето претходно навел дека двајца од нив се членови на екипажот, вклучително и британски лекар, додека третиот е поврзан со лице кое претходно починало.
СЗО работи со повеќе држави за да ги идентификува контактите на патниците и да ги следи потенцијално изложените лица, со цел да се спречи понатамошно ширење.
Случај во Германија
Според Sky News, во Германија е префрлено лице кое било во контакт со заразен патник. Тоа ќе биде тестирано во универзитетска болница во Дизелдорф. Се работи за француски државјанин кој патувал со авион со лице кај кое е потврден вирусот. И покрај тоа, директорот на СЗО смета дека ризикот од пошироко ширење меѓу населението е мал.
Заклучно со 6 мај, има вкупно осум сомнителни случаи, од кои три се лабораториски потврдени. Станува збор за Andes тип на хантавирус, единствениот што може да се пренесува од човек на човек, и тоа при многу близок контакт. Вообичаено, вирусот се пренесува преку контакт со измет или урина од заразени глодари. Бродот со околу 150 патници испловил на 1 април од Аргентина на крстарење низ Атлантскиот Океан, со крајна дестинација Зеленортските Острови. По појавата на вирусот, тој бил закотвен во близина на островите.
Шпанија претходно дозволи бродот да пристане на Канарски Острови за патниците да бидат тестирани, но без контакт со локалното население. Сепак, гувернерот на Канарските Острови забрани искрцување на Тенерифе, оценувајќи дека ризикот е преголем и побара средба со премиерот Педро Санчез.