Со премиерните изведби на оперите „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ од Џакомо Пучини, на 9 мај во 20 часот свечено ќе биде отворено 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“ во Македонската опера и балет. Годинава, за првпат во историјата на фестивалот, двете дела ќе бидат поставени заедно на отворањето.
Фестивалскиот оган ќе го запали светски познатата македонска оперска дива Ана Дурловски, а организаторите најавуваат богата програма исполнета со врвни оперски и балетски продукции. Според генералниот директор на Македонската опера и балет, Оливер Арсовски, годинашната програма внимателно ги спојува класичната традиција и современата сценска енергија.
По свеченото отворање, до 31 мај публиката ќе има можност да ги проследи и изведбите на „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Травијата“, балетот „Лебедово езеро“, а фестивалот ќе заврши со грандиозната „Аида“.
На отворањето ќе диригира италијанскиот маестро Џанлука Мартиненги, додека режијата на двете опери ја потпишува Пјер Франческо Маестрини. Сценографијата е дело на Гилермо Нова од Шпанија, а костимографијата на Кристина Ачети од Италија.
Во „Сестра Анџелика“ главната улога ќе ја толкува италијанската сопранистка Валентина Бои, заедно со Марика Поповиќ, Николина Јаневска, Соња Пендовска-Мадевска, Биљана Јосифов, Марија Наумовска, Ана Ројдева и други солисти.
Во „Џани Скики“ публиката ќе го види Роберто де Кандија од Италија во насловната улога, а ќе настапат и Ана Дурловски, Игор Дурловски, Гуо Ѕ Жао од Кина, Јане Дунимаглоски, Диме Петров, Невен Силјановски и други членови на ансамблот на МОБ.
На сцената ќе настапат и хорот и оркестарот на Македонската опера и балет.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оцени дека „Мајските оперски вечери“ претставуваат симбол на континуитет, квалитет и културна амбиција.
– Публиката очекува врвна уметност, а сцената возвраќа со емоција, страст и извонредност. Годинашното издание покажува дека традицијата и современите продукциски пристапи можат успешно да се надополнуваат – изјави Љутков.
Директорот Арсовски нагласи дека фестивалот веќе повеќе од пет децении е важен дел од културниот идентитет на државата.
– „Мајските оперски вечери“ не се само фестивал, туку доказ дека уметноста има сила да трае, да поврзува и да создава вредности за идните генерации. Секоја претстава носи различна емоција, а заедно создаваат искуство што публиката долго го памети – истакна Арсовски.
Уметничкиот раководител на Операта, Дејан Стоев, додаде дека соработката со странските уметници и оваа година е на високо професионално ниво, што дополнително го подигнува квалитетот на фестивалот.