САД и Иран чекор до примирје? Се подготвува привремен договор за стоп на војната

САД и Иран се приближуваат кон привремен договор за прекин на конфликтот, со фокус на стабилизација на Ормускиот Теснец и отворање нови преговори за нуклеарната програма на Техеран.

Вашингтон и Техеран се приближуваат кон привремен договор што би можел да стави крај на актуелниот конфликт и да отвори нова дипломатска фаза меѓу двете држави. Според информации на „Ројтерс“, двете страни во моментов работат на краткорочен меморандум чија цел е прекин на борбите и стабилизација на ситуацијата во Ормускиот Теснец.

Наместо сеопфатен мировен договор, како што првично се очекуваше, разговорите сега се насочени кон ограничен привремен аранжман, што покажува дека најтешките прашања и натаму остануваат нерешени. Главна точка на спор е иранската нуклеарна програма, особено судбината на резервите со високо збогатен ураниум и времетраењето на евентуалниот мораториум на нуклеарните активности.

Според дипломатски извори, предложената рамка би се реализирала во три фази: формално прогласување крај на војната, решавање на кризата во Ормускиот Теснец и отворање 30-дневен период за нови преговори околу поширок договор.

„Наш приоритет е траен прекин на конфликтот, а останатите прашања да се решаваат преку директни разговори“, изјавил висок пакистански функционер вклучен во посредувањето меѓу Вашингтон и Техеран.

Пазарите веќе реагираат на сигналите за можна деескалација. Глобалните берзи бележат раст, додека цените на нафтата и гасот паднаа поради очекувањата дека ќе се намалат ризиците за светското снабдување преку Ормускиот Теснец една од најважните енергетски рути во светот.

Американскиот претседател Доналд Трамп, според извори блиски до администрацијата, останува оптимист дека договор може да биде постигнат брзо. Од друга страна, дел од иранските претставници се резервирани и предлогот го опишуваат како „американска листа на желби“.

Во меѓувреме, тензиите на Блискиот Исток и понатаму остануваат високи. Израел изврши нов напад врз позиции на Хезболах во Либан, додека Саудиска Арабија дополнително ги усложни односите со Вашингтон со одлуката да не дозволи користење на нејзиниот воздушен простор и воени бази за операции поврзани со Ормускиот Теснец.

Според извештаите, нацрт-меморандумот намерно ги избегнува најконтроверзните теми. Во документот засега нема конкретни обврски за целосно запирање на иранската нуклеарна програма, ниту ограничувања за поддршката на регионалните сојузници на Техеран, како Хезболах.

Доколку биде прифатен, договорот би претставувал само прв чекор кон подолги и многу потешки преговори, но и потенцијална можност за избегнување нова голема ескалација во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни