Европска унија сериозно ја разгледува можноста за увоз на авионско гориво од САД, поради зголемениот ризик од недостиг и раст на цените предизвикани од кризата со Иран. Еврокомесарот за транспорт Апостолос Цицикостас изјави дека се работи на обезбедување алтернативни извори на снабдување, вклучително и увоз на гориво од тип А од САД.
„Работиме на тоа да обезбедиме алтернативно снабдување на Европа со авионско гориво“, рече Цицикостас по состанокот на министрите за транспорт на ЕУ.
Во моментов, ваквиот тип на гориво сè уште не е одобрен за употреба во ЕУ, но Европска комисија веќе анализира како да се забрза процесот за негово евентуално воведување.
Паралелно, се планира формирање на специјално тело кое ќе ја следи состојбата со резервите на гориво во сите 27 земји членки, со фокус на керозинот. Според Цицикостас, конфликтот со Иран има директно влијание врз транспортот и економијата низ Европа. Иако засега нема реален недостиг, од Комисијата предупредуваат дека ситуацијата може брзо да се влоши во наредните недели и месеци.
Дополнителен притисок доаѓа од растот на цените според индустриски проценки, керозинот поскапел повеќе од двојно од почетокот на кризата. Европа вообичаено увезува околу половина од своите потреби за керозин од земјите од Заливот, што ја прави особено ранлива.
Клучен ризик останува Ормутски Теснец една од најважните светски рути за транспорт на енергенси. Колку подолго трае неговата блокада, толку повеќе расте заканата од недостиг на гориво. Во меѓувреме, некои земји веќе преземаат конкретни мерки. Германија ослободила 50.000 тони керозин од стратешките резерви, како дел од координираниот европски одговор.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, веќе најави дека долгорочната стратегија на ЕУ ќе биде намалување на зависноста од фосилни горива и забрзан премин кон обновливи и нуклеарни извори на енергија.