Според најновите демографски проекции на Евростат, населението на Европската Унија до 2100 година ќе се намали за 53 милиони луѓе, што претставува пад од 11,7 проценти во споредба со сегашната бројка. Се очекува бројот на жители во ЕУ да се намали од околу 452 милиони на помалку од 399 милиони жители до крајот на векот.
Според прогнозите, населението на Унијата ќе продолжи благо да расте до 2029 година, кога ќе го достигне својот максимум од околу 453 милиони жители, по што ќе започне постепен и долгорочен пад. Главни причини за ова се ниската стапка на наталитет, стареењето на населението и сè помалиот број работоспособни граѓани.
Евростат предупредува дека до 2100 година значително ќе се намали уделот на младите и работоспособните лица. Делот на населението на возраст од 20 до 64 години ќе падне од 58 на 50 проценти, додека бројот на лица постари од 80 години ќе се зголеми речиси тројно.
Најпогодени од демографскиот пад се очекува да бидат земјите од Источна и Јужна Европа, каде веќе со години има иселување и ниска стапка на раѓања. Анализите покажуваат дека миграцијата ќе има клучна улога во ублажување на падот на населението во дел од европските држави.
Експертите предупредуваат дека стареењето на населението ќе создаде дополнителен притисок врз пензиските фондови, здравствените системи и пазарот на трудот. Се очекува европските држави во иднина сè повеќе да зависат од миграција и мерки за поттикнување на наталитетот за да го одржат економскиот раст.