ЕУ пушта близу 200 милиони евра за Македонија, Албанија и Црна Гора

ЕУ најави исплата од близу 200 милиони евра за Македонија, Албанија и Црна Гора преку Планот за раст за Западен Балкан.

Европската Унија во наредните денови треба да исплати речиси 200 милиони евра за Македонија, Албанија и Црна Гора во рамки на Планот за раст за Западен Балкан, најави еврокомесарката за проширување Марта Кос. Според неа, исплатата доаѓа затоа што овие земји покажуваат напредок во спроведувањето на реформите поврзани со европскиот план.

Кос порача дека проширувањето останува приоритет за Европската Унија и дека за сите земји од Западен Балкан има место во Унијата, но под услов кандидатите да ги исполнуваат преземените обврски. „Ако кандидатите испорачуваат, тогаш и ние мора да испорачаме“, изјави таа пред состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ.

Во ист контекст, таа ја посочи Црна Гора како земја која е најнапредната во пристапниот процес, наведувајќи дека за првпат по 17 години е формирана работна група за пристапен договор со нова земја членка. Кос ја поздрави и интеграцијата на Србија во Единствената европска платежна област, со што Србија им се приклучи на Македонија, Албанија и Црна Гора во системот за побрзи и поевтини меѓународни плаќања.

Планот за раст за Западен Балкан е вреден 6 милијарди евра и треба да ја забрза економската интеграција на регионот со ЕУ, регионалната соработка и реформите поврзани со европското приближување. Средствата не се безусловни, туку зависат од исполнување на реформските агенди и конкретни чекори во областите што ги бара Европската Унија.

Кос претходно предупреди дека земјите од Западен Балкан може да изгубат повеќе од 700 милиони евра од Планот за раст доколку не ги спроведат реформите во предвидените рокови. Посебно внимание беше насочено кон Србија, каде Брисел изрази загриженост за состојбите со судството, медиумите и притисоците врз демонстрантите

е-Трн да боцка во твојот инбокс