Ердоган: Не можат сите земји со исто темпо кон екологијата

Додека постојат нееднаквости во парите и технологијата, климатските барања без економски осврт се осудени на пропаст, предупреди турскиот претседател.
Фото: EPA/OLGA FEDOROVA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган од климатскиот самит на Обединетите нации во Њујорк порача дека не е реално да се очекува сите држави да напредуваат со еднаква брзина во спроведувањето на зелената транзиција. Говорејќи пред светските лидери, тој посочи дека јазот во пристапот до финансии и напредни технологии директно го диктира темпото на еколошките политики, поради што климатските цели мора да се прилагодат кон општествената и економската реалност на секоја земја посебно.

Ердоган нагласи дека секој меѓународен план што не води сметка за развојните капацитети на посиромашните економии нема да даде резултат на терен.

„Чекорите за зајакнување на просперитетот на земјите треба да се прилагодат на нивните сопствени услови, ресурси и развојни приоритети. Сè додека траат нееднаквостите во пристапот до финансирање и технологија, не е реално да се очекува сите земји да напредуваат со исто темпо. Секој предлог што климатските цели не ги усогласува со општествената и економската реалност е осуден на пропаст“, изјави Ердоган.

Според него, одржлива и праведна транзиција е изводлива единствено доколку заштитата на животната средина цврсто се поврзе со економскиот напредок и благосостојбата на граѓаните, наместо да служи како сопирачка за развојот.

Турција претстави сопствен акциски план што треба да ги преточи декларативните ветувања во конкретни индустриски проекти, во пресрет на глобалниот самит COP31 со кој ќе претседава во ноември. Домаќин на конференцијата од 9 до 20 ноември ќе биде Анталија, додека официјалните преговори ќе ги води Австралија.

Меѓу зацртаните цели на официјална Анкара е зголемување на уделот на електричната енергија во вкупната потрошувачка на 35 отсто до 2035 година, како и преполовување на очекуваниот раст на комуналниот отпад.

Турскиот претседател повика на меѓународна поддршка за новиот акциски план, посочувајќи дека дипломатските подготовки вклучуваат и консултации со најранливите заедници. Тој ја истакна важноста на подготвителниот состанок на Фиџи и самитот на лидерите во Тувалу, како суштински чекори за да се осигури дека барањата и спецификите на пацифичките островски држави ќе влезат на дневниот ред на COP31.

За земјите од регионот и економиите во развој, оваа позиција претставува јасен сигнал дека транзицијата од фосилни горива бара масовна финансиска поддршка од најбогатите држави, а не само административни рокови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс