Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган допатува во Њујорк на 81. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации. Во своето шеснаесетто обраќање пред светските лидери, Ердоган утре ќе побара меѓународно признавање на Палестина и санкции против израелските воени операции во Појасот Газа. Турската делегација најави и низа билатерални средби, со посебен акцент врз претстојниот глобален климатски самит во Турција.
Ердоган ќе се обрати утре, на првиот ден од дебатата на високо ниво во седиштето на ОН. Според најавите, неговиот говор целосно ќе се фокусира на хуманитарната катастрофа во Газа и запирањето на офанзивата. Турскиот претседател планира директно да побара од земјите-членки конкретни казнени мерки кон Тел Авив и масовно дипломатско признавање на палестинската државност како единствен пат до долгорочен мир.
На аеродромот „Џон Ф. Кенеди“ него го пречекаа турскиот амбасадор во САД, Седат Онал, и постојаниот претставник при ОН, Ахмет Јилдиз. Пред „Турската куќа“ на Менхетен го дочекаа и граѓани од турската и арапската дијаспора. Ердоган кусо им порача на новинарите дека го очекува исклучително набиена агенда.
Анкара во Њујорк настапува со комплетниот државен и безбедносен врв. Во делегацијата се шефот на дипломатијата Хакан Фидан, директорот на разузнавачката служба (МИТ) Ибрахим Калин, министерот за финансии Мехмет Шимшек, министерот за правда Акин Гурлек и шефот за комуникации Бурханетин Дуран.
Покрај политичките разговори со шефови на држави, Ердоган во среда ќе говори и на Климатскиот самит на ОН. Овој настап е директна увертира за ноември, кога Турција во Анталија ќе биде домаќин на глобалната климатска конференција COP31.