Епл наводно развива свој паметен прстен кој ќе му конкурира на Самсунг

Новите гласини откриваат дека Епл започнал развој на сопствен паметен прстен. Дознајте кои нови паметни уреди со вештачка интелигенција ги подготвува компанијата за следната година.

Технолошкиот гигант „Епл“ (Apple) наскоро би можел да ја прошири својата понуда на носечки уреди со уште еден целосно нов производ. Според најновите неофицијални информации објавени на социјалната мрежа Икс од страна на познати инсајдери, компанијата веќе го започнала развојот на сопствен паметен прстен. Иако „Епл“ засега официјално нема потврдено постоење на ваков уред, гласините од индустријата силно сугерираат дека проектот е во активна фаза. Некои извори дури наведуваат дека прстенот би можел да го носи комерцијалното име „ајРинг“ (iRing), но не е исклучено компанијата од Купертино на крајот да одбере сосема поинаков назив, што ќе се дознае дури при неговото официјално претставување пред јавноста.

Засега не се познати деталните технички спецификации ниту, пак, можниот датум на лансирање на пазарот. Меѓутоа, во последните неколку месеци сè почесто се појавуваат информации дека „Епл“ интензивно работи на нова палета на паметни уреди. Покрај паметниот прстен, компанијата наводно развива и свои паметни очила, паметен привезок, како и нова генерација на слушалките „ЕрПодс Про“ (AirPods Pro) со вградени камери кои треба да овозможат напредни функции базирани на вештачка интелигенција. Во секој случај, доколку „Епл“ навистина го претстави овој производ, ќе влезе на пазар каде што веќе сериозно доминира неговиот најголем ривал „Самсунг“ (Samsung) со својот „Галакси Ринг“ (Galaxy Ring), како и брендовите „Оура“ (Oura) и „Ултрахјуман“ (Ultrahuman).

е-Трн да боцка во твојот инбокс